Инфраструктура, зеленило и подобар деловен амбиент во Куманово најавија кандидатот Илиевски и потпретседателот на СДСМ, Спасовски

Повеќе проекти за Куманово најави кандидатот за градоначалник, Оливер Илиевски на денешната прес-конференција на градскиот плоштад, заедно со потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски. Во програмата опфатена е реконструкција на Соколана, на Спомен Костурницата, спортската сала, „Мој еколог“. Планирано е двојно повеќе зеленило, завршување на гасоводната мрежа. Илиевски вети милион евра годишно од буџетот за реконструкција и проширување на постојните сообраќајници, две детски градинки, реконструкција на основни и средни училишта.

– Современи инфраструктурни решенија се предвидени во програмата, продолжување на булеварот „Октомвриска револуција“ и поврзување со автопатот Е-75, ќе се растовари сообраќајот и метежот во градот, рече Илиевски.

Тој кажа дека како човек кој доаѓа од реалниот сектор со поддршка на Владата, ќе работи на економски политики насочени кон подобрување на деловниот амбиент, нови, странски и домашни инвестиции во градот, достоинствени плати за младите.

Илиевски додаде дека се предвидени мултифункциони игралишта за спорт, детски катчиња, авангарден парк, нов фестивал „Кумановско културно лето“ за креативците од градот, културни работилници.

– Само со вашиот глас овие проекти можат дабидат реализирани, да направиме добар избор за најдоброто за Куманово, рече Илиевски.

Посочи дека наредните четири години заедно ќе се реализираат сите проекти наведени во програмата.

Спасовски истакна дека Оливер Илиевски е единствениот кандидат социјалдемократ и дека е најдобриот избор за Куманово.

– Крваревме, се боревме, го урнавме режимот и со промена на власта заеднички се согласивме – на Куманово треба да му се помогне, да му се врати сè она што му беше одземено за време на режимот. Создадовме клима на меѓуинституционална соработка помеѓу институциите на централно и на локално ниво и се реализираа огромен број на проекти за Куманово со помош на Владата, рече Спасовски.

Тој ги презентираше дел од проектите кои Владата на СДСМ ги има имплементирано во Куманово последниве години.

-120 милиони евра се вложени во Куманово и околината од Владата и институциите, од централно ниво. 120 милиони евра со кои ги бришевме раните и трагите кои ги остави режимот и уште не можеме да ги залечиме. Рехабилитиравме над 85 километри локални и регионални патишта. Направивме три училишни спортски сали, едната за економското училиште, втората е во училиштето во Черкезе и третата сала е за техничкото училиште. Градиме фекална канализација во село Тромеѓе, ги заменивме водомерите во Куманово, го градиме рекреативниот центар Студена вода, изградивме фекална канализација во село Речица, наброи дел од проектите Спасовски.

02.10.2021 - 11:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега