Инспекторатите на терен: Се проверуваат објекти во Куманово

 Државниот инспекторат за животна средина и денеска го продолжува вонредниот инспекциски надзор на две локации во кумановскиот регион, информираа денеска надлежните. Надзорот како и вчера се однесува на пријавениот помор на риби на река Кумановка влив со река Пчиња под „Искрин Мост, како и во Општина Старо Нагоричане на река Пчиња кај село Драгоманце.
 
– Вчера, Државниот инспекторат за животна средина по дојава од рибари за помор на риби направи инспекциски надзор. Притоа на самото место е констатирано дека има помор на одредена количини на риби. Истовремено, направи инспекциски надзор на пречистителната станица за третман на отпадни води во Доброшане при што во увидот констатира дека истата е во функција. Денеска, државниот инспекторат повторно ќе ја посети фабриката за третман на отпадни води, притоа ќе побара да се достават мерења и елаборат за заштита на животна средина да го видиме, изјави директорот на Државниот Инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски.
Рибарите велат дека секоја година има помор на риби на оваа локација, по неколкупати во текот на годината. Според нивните кажувања, извршени се анализи кои не покажале присуство на тешки метали.

Драги Младеновски, претседател на Комисија за заштита при риболовно друштво ЗСРК Пчиња Куманово, вели дека е разочаран заради поморот на риби.

–  Водата е давана на анализи, нема тешки метали, хемија, но овде рибите се задушуваат, нема кислород. Особено кога Пчиња е мала, а од Кумановка се испушта неконтролирано поголема количина, валкана вода, буквално е задушување. Лично јас, со екипи дојдовме и светиме со батерии, рибите се на површина и бегаат по крај, кога ќе се пушти поголема вода, таа го зголемува нивото на реката и тие бегаат на крај и потоа одеднаш реката се намалува и рибите остануваа на суво, умираат, вели Младеновски.

Александар Саздовски, долгогодишен рибар кажа дека угината е поситна риба, подмладок и кажа дека е добро што дел од рибите побегнале нагоре каде водата е почиста.

01.08.2022 - 14:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега