Ирена Јовева: Јас и Словенија ќе и помогнеме на Македонија

Ирена Јовева е првата Македонка која седнува во пратеничкото столче на Европарламентот,  иако родната држава на нејзината мајка се уште е далеку од можноста да има свој претставник во Европскиот Парламент.  Јовева стана европски политичар откако ги освои симпатиите на Словенците и ќе ја претставува Словенија, како дел од групата пратеници на листата на Премиерот Марјан Шарец.

Јовева вели дека е горда на своето етничко потекло, но и горда на државата каде денес живее.

-Горда и на мајка ми и на татко ми, бидејќи никогаш не се срамувале да кажат кои сме и што сме, а воедно горда и затоа што секогаш ме учеле да ја почитувам и сакам и државата во која јас сум родена. Тука е мојот дом, во ЕУ ја претставувам Словенија и горда сум на тоа. Но, Македонија секако ќе ја има мојата поддршка кога ќе проценам дека тоа ќе и помогне на државата за нејзиниот пат кон ЕУ, вели Ирена Јовева во ексклузивно интервју за Прес24.

Таа во политиката влегува како поранешна новинарка во Словенија. Ослободена  е од предрасуди, сака една поинаква Европска Унија, унија на заеднички вредности.

-Сакам реформирана ЕУ, која ќе ги стави луѓето во својот фокус. Сакам политика која нема да гледа на своите интереси и која нема да ветува невозможно, но да има планови и да работи. Време е за нови генерации, кои ќе ја создадеме ЕУ со голем број на заеднички политики, а исто така ЕУ која ќе ги поврзува и одразува националните идентитети на земјите и народите на ЕУ, вели во интервјуто за Прес24.

Иако е пратеник од Словенија и нејзина примарна цел е да ги штити интересите на својата држава, сепак Јовева ветува дека ќе биде активен поддржувач на Македонија. Најавува и формирање на група пријатели европратеници на Македонија. Сепак, таа сонува за суштински промени во Македонија, пред се на менталитетот на луѓето.

-Разочарана сум бидејќи се уште има многу сиромаштија, бидејќи толку многу луѓе се одселуваат, и разочарана сум затоа што премногу пати изгледа како да е важно само кој е ваш и кој е наш. Не само помеѓу Македонците и на пример Албанците, него и помеѓу самите Македонци. Се заборава на луѓето, зборувам за сите луѓе, не е битно кој е чив. Никогаш нема да разберам како можат двајца браќа да се скарат до крај на живот исклучиво поради различни политички ставови. Тоа за мене не е знак за развој, вели Ирена Јовева, европратеник од Словенија во интервју за Прес24.

ПРЕС24: Вие практично сте првата Македонка која добива место во Европарламентот. Иако ќе бидете пратеник од Словенија, сепак вашето етничко потекло ја прави оваа реалност. Може ли Македонија да смета на Вашата поддршка во овој период која и е најпотребно да има поддржувачи во Европскиот парламент?

ЈОВЕВА: Македонка сум по мамина страна, мајка ми е од село Сакулица (Кратовско), а татко ми е од Босилиград, но уште како мал со фамилијата се одселени во Зрновци (Кочанско). Секако сум горда на своето потекло, горда и на мајка ми и на татко ми, бидејќи никогаш не се срамувале да кажат кои сме и што сме, а воедно горда и затоа што секогаш ме учеле да ја почитувам и сакам и државата во која јас сум родена, која ми даде и на мене (а и на нив) се. Тука е мојот дом, во ЕУ ја претставувам Словенија и горда сум на тоа. Но, Македонија секако ќе ја има мојата поддршка кога ќе проценам дека тоа ќе и помогне на државата за нејзиниот пат кон ЕУ. Не (само) поради моето етничко потекло, туку затоа што Македонија после се, после толку време „чекање“, после толку ветувања од европските институции, па сега на крајот и после промената на името (што и да си мислиме за тоа), заслужува да оди напред.

ПРЕС24: Досегашното искуство покажува дека пратениците во ЕП од Словенија биле големи пријатели и поддржувачи на европските аспирации на Македонија. Кои се Вашите планови, дали можеме да очекуваме на пример од Ирена Јовева да поттикне иницијатива за  создавање група на Европратеници пријатели на Македонија, кои ќе помагаат во процесот на нејзина интеграција, кој е исклучително сложен и тежок?

ЈОВЕВА: За плановите искрено да ви кажам уште е рано да сум конкретна, бидејќи само што почнавме со преговори за функциите во институциите, чекаме уште и во кои одбори и кои делегации ќе сме поделени и како. Но можам да ви кажам дека мој прв приоритет за членство во делегации е Делегацијата ЕУ – Македонија, секако ќе размислам и за иницијативата за група на Европратеници пријатели на Македонија, зошто да не.

ПРЕС24: Која политика ќе ја застапувате во поглед на прашањето за проширувањето на Европската Унија. Дали на земјите од Западниот Балкан им е потребна брза интеграција во Унијата?

ЈОВЕВА: Да. И за Словенија многу е битна интеграцијата на државите од Западниот Балкан, затоа ќе имаме планови и ќе работиме во врска со тоа. Западниот Балкан, односно проширувањето на ЕУ ќе биде една од приоритетите и во словенечкото претседателство на Светот на Европската Унија во 2021 година. Суштината е во процесот на усвојувањето на критериумите, а проширувањето на ЕУ е придонес, не само за Западниот Балкан, туку и за посилна ЕУ – како сигурен и влијателен меѓународен актер. Во исто време самата можност за влез (а и веќе самиот процес на влез) е битна за балканските земји, поради нивната стабилност на пример – ги спроведуваат реформите, ги подобруваат стандардите. И мислам дека не е најдобра порака тие земји (или некои од нив, на пример Македонија) да чекаат веќе толку време. Мислам дека и тука ЕУ мора да ја покаже својата стабилност и моќ.

ПРЕС24: Би прифатиле ли да бидете дел од групата ЕУ пратеници известувачи за Македонија, ако тоа Ви се укаже како можност?

ЈОВЕВА: Да, секако.

ПРЕС24: Во кој правец мислите дека ќе се развива Европската Унија во иднина. Каква ЕУ сакате Вие да видите во вашиот мандатот како ЕУ пратеник?

ЈОВЕВА: Се надевам дека ќе се развива во по стабилен, по безбеден, по еднаквоправен и по „проевропски“ правец. ЕУ нека се затвара, ама пред „fake news “ и пред екстремизмите и пред беспотребно заплашување. Сакам реформирана ЕУ, која ќе ги стави луѓето во својот фокус. Сакам политика која нема да гледа на своите интереси и која нема да ветува невозможно, но да има планови и да работи. Време е за нови генерации, кои ќе ја создадеме ЕУ со голем број на заеднички политики, а исто така ЕУ која ќе ги поврзува и одразува националните идентитети на земјите и народите на ЕУ. Сакам ЕУ каде што големината на територијата на една членка не е клучен критериум. ЕУ мора да стане посилен играч на глобалната сцена, треба да сме свесни дека се соочуваме со големи и брзи промени во светот, кои што бараат исто така брзи и единствени одговори од ЕУ.

ПРЕС24: Ајде малку за Вас. Како се случи Македонка да влезе во елитната словенечка политичка сцена?

ЈОВЕВА: Немам појма. :) Тоа е прашање за претседателот на LMŠ, премиерот Марјан Шарец. Јас не ни помислив на такво нешто додека тој еден ден не ме праша директно, дали би сакала да се кандидирам за европратеник како прва на неговата листа, дека тој е сигурен дека сум вистинска личност за тоа и дека ќе успеам, не само на изборите туку и сега, во мандатот, со добри дела. Ми требаше време да размислам, пред се да се одлучам дали сум сигурна дека не сакам веќе да се занимавам со новинарство и дали сум спремна на напади и разно разни зборови (знаеме како е во политиката, посебно во кампањите). Сега, кога ќе помислам што се ми се случи во последните три месеци и колку ми се промени животот, мислам дека се уште не сум свесна. Ама не ми е жал. Знам дека никогаш нема да заборавам која сум и од каде доаѓам и знам дека ќе направам и ќе правам се што можам да ја оправдам довербата која што ми ја поклонија гласачите.

ПРЕС24: Тешко ли е да се успее во политика во Словенија, особено за некој кој не е етнички Словенец?

ЈОВЕВА: Па… Мислам дека тоа се зависи од случај до случај. Нема генерален одговор. Но како и да е, кога не си етнички Словенец, има луѓе кои секогаш тоа ќе ти го „фрлат под нос“ – иако не политичарите, повеќе гласачите и тоа најмногу оние од десниот или десно-срединот политички блок. Во мојот случај исто важи и за луѓето кои живеат во Македонија – и таму некои не можат да разберат дека мојата држава е Словенија, а не слушаат (или не сакаат да слушнат) кога кажувам нешто за моето потекло. И не сфаќаат дека тоа не е едно и исто. Разбирам дека не можат сите да бидат задоволни со тоа што станав европратеник, со тоа што LMŠ достигна успешен резултат со две европратенички места, ама… Што се се изнаслушав и изначитав во последните недели… Многумина ја поминаа границата на прифатливото. Кога го коментираа мојот изглед, моето политичко неискуство, кога сакаат да ме прикажат како глупава, а посебно кога го осудуваат моето потекло… Никогаш нема да заборавам како се чувствував тогаш и таков јазик никогаш нема да биде мојот јазик. Јас знам која сум, знам што сум, знам каква сум, знам како ќе работам. Никогаш ништо не ми е подарено, ништо не ми падна од небото, се што постигнав, постигнав сама, со искрени намери, со јасни вредности и принципи, и со мојот личен труд. Никаква врска нема тоа ниту со моето потекло ниту со мојата држава. Сакам народот да ме оцени според моите резултати и мојата работа.

ПРЕС24: Доаѓате ли во Македонија? Ве врзува ли нешто за Македонија?

ЈОВЕВА: Доаѓам, ма да не толку често како некогаш. Последен пат бев лани, на свадба во Скопје. Уште како ученик, кога имав повеќе време и повеќе одмор, а и мама беше жива, па одевме фамилијарно заедно сите тројца многу почесто, два до три пати годишно. Имам многу убави сеќавања на тие одмори. Во Македонија имам многу пријатели, а и многу роднини, најмногу од мамина страна во Скопје и Куманово. Имам тетки, тецовци, братучеди, братучетки… Се слушаме редовно. А и гледаме – тоа е еден плус од постоење на Фејсбук и Инстаграм на пример. :)

ПРЕС24: Како гледате на развојот на Македонија од независноста до сега од оваа дистанца како граѓанин на Словенија?

ЈОВЕВА: Не сум запознаена со сите детали на актуелните случувања, ама можам да кажам дека од една страна се гледа напредок, а од друга се освен напредок. Разочарана сум бидејќи се уште има многу сиромаштија, бидејќи толку многу луѓе се одселуваат, и разочарана сум затоа што премногу пати изгледа како да е важно само кој е ваш и кој е наш. Не само помеѓу Македонците и на пример Албанците, него и помеѓу самите Македонци. Се заборава на луѓето, зборувам за сите луѓе, не е битно кој е чив. Никогаш нема да разберам како можат двајца браќа да се скарат до крај на живот исклучиво поради различни политички ставови. Тоа за мене не е знак за развој. Сепак, од друга страна, точно е дека за ситуацијата не можеме да ги обвинуваме (само) луѓето, т.е гласачите. Тешко е кога една држава има проблем практички со сите комшии, кога неправедно една друга држава ти става вето на се живо само затоа што, ете, има право, и тешко е кога Европските институции ти ветуваат напредок, а години и години ништо од тоа. Се надевам дека сега сепак тоа ќе се смени, Македонија тоа го заслужува, ама воедно се разбира дека не смее да престане со реформите и со подобрувањето на ситуацијата во земјата.

ПРЕС24: Мислите ли дека Македонија можеше да го фати возот на една Словенија во тие евроатлански интеграции?

ЈОВЕВА: Се надевам. Стратешката евро-атланска цел на Македонија е сосема јасна и крајно време е тој пат да се реализира. Мислам дека ЕУ би требала уште овој месец да го соопшти датумот за почеток на пристапните преговори. Се разбира дека се уште е долг патот од членството, ама шансата е тука, и треба да е тука. Како за ЕУ, така и за Македонија.

ПРЕС24: Контактирате  ли со македонската дијаспора во Словенија? Како таа е организирана?

ЈОВЕВА: Да. Во Јесенице (тоа е „мојот“ град :) ) имаме едно од македонските културни друштва, се вика Илинден. Членка сум на тоа друштво, а и одев на играорна скоро 20 години, уште од дете (почнав од 5 години), им помагав и со пишувањето и преведувањето на друштвениот весник - Детелинка… Сега во поголем контакт со друштвото е татко ми, ми кажува дека се среќаваат редовно. Има уште неколку други македонски друштва во Словенија (Крањ, Љублјана, Марибор…) и организираат средби од време на време, на пример за поголемите празници.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.06.2019 - 10:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа