Ирма ја губи силата - ќе стане тропска бура

Според американскиот центар за урагани се очекува Ирма да ослаби во тропска бура, движејќи се кон северна Флорида и јужна Џорџија.

Во понеделникот Ирма беше со ветар од 120 километри на час. Во неделата, повеќе од три милиони лица во Флорида немаа електрична енергија, откако Ирма го зафати западниот дел на сојузната држава, со ветрови од преку 200 километри на час.

Невремето ги зафати Флорида Кис рано во неделата, кога Ирма беше со најголема сила. Синоќа невремето се приближи кон Тампа и Санкт Петерсбург, двата најголеми градови околу заливот Тампа, каде што се очекува бурата да донесе поплава до три метри.

Повеќе од 75.000 луѓе се сместиле во 400 –те засолништа, а досега биле пријавени три смртни случаи поврзани со бурата.

Претседателот Доналд Трамп ја прогласи Флорида за област зафатена од голема катастрофа, чекор со кој брзо се ослободуваат фондови за помош на жртвите од невремето.

Најмалку 25 лица загинаа, откако Ирма ги зафати Карибите кон крајот на минатата недела.

Иако се очекува Ирма да ослабне, прогнозите се дека торнадата се можни низ североисточна Флорида, јужна Џорџија и Јужна Каролина.

Територијата на Порторико претрпе голема штета врз електричната мрежа. Властите велат дека ќе бидат потребни шест месеци за обнова на електричната мрежа на островот.

Од Порторико велат дека соработуваат со Одделот за здравство на САД за евакуација на повеќе од 1.000 лица, главно американски државјани кои се на Сент Томас и Сент Мартин.

Пентагон распореди бродови, авиони како и стотици маринци за да помогнат во напорите за опоравување на Порторико и Девствените Острови.

 

 

 

11.09.2017 - 16:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега