Искршени прозорците на манастирот „Свети Атанасиј“ на тетовското Кале


Тетовско-гостиварската епархија на Македонската православна црква соопшти дека непознати лица направиле упад на манастирскиот имот „Свети Атанасиј“ на тетовското Кале, при што во црквата биле искршени сите прозорци со што е направена сериозна материјална штета.

„Ова е време на големиот пост кога христијаните се подготвуваат за Христовото Воскреснување, а нашите сограѓани муслимани се во рамазански пости, па оттаму сметаме дека ова би требало да е време за преиспитување, созревање и будење на човечност“,соопшти Тетовско-гостиварската епархија.

Овој упад следува откако пред нешто повеќе од една недела непознати сторители поставиле знаме на Албанија на куполата на црквата и знаме на ОНА на бандера на влезот на Калето.

Полицијата трага по сторителите што поставија знаме на Албанија на црквата „Свети Атанасиј“ во Тетово

На крајот на ноември лани во Тетовско, на Попова Шапка се случи сличен инцидент. Тогаш две маскирани лица го симнаа знамето на Македонската православна црква – Охридска архиеписопија (МПЦ-ОА) од јарболот во дворот на манастирскиот комплекс „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка и на негово место го поставија знамето на Албанија.

30.03.2024 - 12:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега