Историчарите продолжуваат со напорите за приближување на ставовите на Македонија и Бугарија

Додека трае дводневната средба на македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања, властите во Скопје со пораки дека разговорите со Бугарија ќе продолжат и покрај најавеното бугарско вето за старт на преговорите за членство на земјава со ЕУ, а научната заедница и МПЦ со порака дијалогот со Софија да се води на рамноправна и принципиелна основа, со почитување на меѓународното право и сознанијата на науката.

Македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања вчера ја започна дводневната средба посветена на содржината во македонските учебници по историја за средновековниот и раноосманлискиот период, откако препораките за бугарските учебници за овие периоди беа разгледувани и усвоени на претходната средба. Тема на разговор на средбата, која се одржува онлајн поради состојбата со Ковид-19, е и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев.

Премиерот Зоран Заев вчера од Неготино порача дека работата на Комисијата се одвива во пријателска атмосфера, што го оцени како сигнал дека сите се трудат да биде постигнат напредок. Тој изрази уверување дека многу брзо ќе има и решенија, преку кои, како што рече, ќе го градиме заедничкото пријателство на двете земји.

Заев притоа потенцира дека никој не преговара за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик. – Нашиот јазик е признат во светот и ние сме Македонци и такви, како пријатели на Република Бугарија и бугарскиот народ, треба да продолжиме да го градиме пријателството, изјави Заев.

Според него, само со почит едни кон други можеме да постигнуваме договори кои ќе градат перспективи и пријателства.

Тој посочи дека разговорите треба да продолжат без разлика на исходот од средбите на ниво на ЕУ на 10 или 18 декември, на кои треба да се донесе одлуката за усвојување на преговарачката рамка на Унијата со земјава.

– Стратегија на државата е дека треба да продолжиме да разговараме. Во најмала рака да создаваме атмосфера и да отстрануваме пречки за следното лето, но ако може тоа да го постигнеме и сега, би требало да правиме максимални напори до последниот момент. Патот е тој и ќе продолжиме по него да чекориме, со очекување што побрзо да ги отвориме поглавјата, изјави Заев.

Тој додаде дека специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски треба да биде само мотиватор за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство, а оти преговорите за изнаоѓање решение и натаму ќе ги води Министерството за надворешни работи.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, порача дека решението со Бугарија е во Договорот за добрососедство.

– Кога двете страни ќе се уверат дека решението е во Договорот, мислам дека се друго ќе дојде на свое место. Преку создавање акциски план договорот ќе има предвидливост, со цел да испорача. Никој не бега од обврските од Договорот, изјави Османи, додавајќи дека целта е да се врати довербата во процесот, да се надминат различните толкувања и да се најдат точки на зближување и на заедничко одбележување на историски настани и фигури.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.12.2020 - 08:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега