Изгаснат пожарот кој два дена беснееше кај месноста Петлец

Изгаснат пожарот кој два дена беснееше кај месноста Петлец над беровското село Русиново. Гаснењето како што информираше Сашко Руменовски траело до доцна синоќа, по што истиот е целосно ставен под контрола.

-Пожарот кај месноста Петлец успеавме целосно да го „ликвидираме“ доцна синоќа. Во гаснењето учествуваше екипа на Територијалната противпожарна единица од Берово со три пожарникари. Како што и претходно напоменавме теренот беше доста непристапен поради што се користеа и мевови за вода. Во гаснењето имавме поддршка од Општината како и од Шумско стопанство, информираше Руменовски.

Според командирот на Територијалната противпожарна единица зафатена е голема површина на насади со јасика како и папрат, но точната штета како што додаде допрва ќе се утврдува. Апелираше на понатамошно совесно однесување во природа и да не се пали оган на отворено.

Сезоната на пожари започна и во Делчевско. Во селото Ѕвегор изгоре помошен објект кој делчевските пожарникари бргу го локализираа.

-Благодарение на брзата интервенција спречивме да изгорат дрвата во подрумскиот дел од помошната просторија и со тоа истиот да се прошири на околните куќи, информираа од ТППЕ Делчево.

Оттаму апелираа до сите граѓани да не фрлаат запалливи материјали во близина на помошните објекти бидејки топлото време придонесува бргу да дојде до запалување, а со тоа се зголеува и опасноста од појава на пожар од поголеми размери.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.05.2021 - 13:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа