Излегла од сенката на својот брат: Акциите на сестрата на Ким ја уништија надежта за помирување на Северот и Југот, сите се прашуваат што е следно

По наредба на Ким Јо Јонг, сестра на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, во вторникот била крената во воздух канцеларијата за врски со Јужна Кореја. Ова е прв пат 36-годишната Јо Јонг да излезе од сенката на својот брат, а нејзината акција ја урнала и последната надеж за помирување.

Канцеларијата за врски се смета за важен симбол на приближувањето на двете држави. Се наоѓала на територијата на севернокорејскиот индустриски комплекс во Каесонг, со кој двете држави управувале заедно. Тоа била последната сламка која ги држела заедно. 

Канцеларијата била отворена во 2018-та година, непосредно по третата средба на јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин и Ким Јонг Ун. Јужна Кореја ја платила санацијата на запуштената зграда и обезбедила агрегати за гориво за нејзино функционирање.

Нападот на канцеларијата е реакција на Северна Кореја на најновите акции за праќање на летоци од јужнокорејски активисти и севернокорејски бегалци од балони преку границата, во кои повикувале на рушење на власта на Северот.

Акцијата за уништување овој пат ја наредила сестрата на Ким, која во саботата и најавила: "Наскоро ќе бидеме сведоци на трагична глетка од целосно уништената бескорисна канцеларија за врски на Северот и Југот. Мислам дека е крајно време да ги раскинеме односите со јужнокорејските власти".

Кој е следниот потег на Ким Јо Јонг?

Експертите оценуваат дека зад акциите на Пјонгјанг се крие уште нешто.

„Северна Кореја намерно предизвикува тензии", напишала на Твитер Џин Х. Ли од американскиот центар Вилсон, пренесува "Blik".

„Пјонгјанг се наоѓа во многу тешка ситуација поради строгите меѓународни санкции и се обидува да го натера Сеул нешто да преземе за санкциите воведени под водство на САД да бидат укинати".

Веројатно нема да остане само на оваа мерка за одмазда.

Севернокорејското воено раководство се заканило со акциски план, кој предвидува праќање на војска во демилитаризираната зона.

Северна Кореја најавила дека "линијата на фронтот ќе ја претвори во тврдина и ќе ја зголеми воената будност".

Ким Јо Јонг упатила отворени навреди до јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин.

„Беше мачно да се слуша неговиот говор", рекла таа во средата во одговорот на неговата порака која повикува на мир на Корејскиот полуостров.

„Изгледа дека е луд, иако од надвор изгледа нормално", рекла таа.

Ким Јо Јонг досега ги планирала и организирала настапите на својот брат, му ги пишувала говорите и се грижела за тоа каква слика ќе претстави во јавноста. Како директорка на Министерството за пропаганда таа практично ги контролира медиумите.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

23.06.2020 - 13:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега