Израел готви одмазда - Иран чека напад

Началникот на израелската војска предупреди дека Иран „ќе се соочи со последиците за своите постапки“ по нападот врз Израел кој пак дојде како одмазда за израелски напад две недели претходно врз иранската конзуларна зграда во сирискиот главен град Дамаск, во кој загинаа двајца ирански генерали.

Ова е првпат Иран да започне директен воен напад врз Израел и покрај децениското непријателство кое датира од Исламската револуција во земјата во 1979 година.

Иран во нападот лансираше стотици беспилотни летала, балистички и крстосувачки ракети кон Израел. Израелската војска соопшти дека 99 отсто од нив биле неутрализирани.

Халеви вели дека неговата земја внимателно ја проценува ситуацијата по што Израел ќе го избере својот одговор „соодветно“.

Израел ги одложи плановите за продолжување на копнената офанзива во Рафах, откако беше изложен на ирански ракетен напад во текот на викендот, јавуваат светските медиуми.

Воздухопловните сили на еврејската држава требаше да почнат да фрлаат летоци на делови од најјужниот град Газа, но овие планови се ставени во мирување, според Си-Ен-Ен, повикувајќи се на израелски извори.

Во воениот кабинет на Бенјамин Нетанјаху, наводно, започнала жестока дебата за тоа како да се одговори на нападот на Техеран во саботата вечерта. Се чини дека има несогласување меѓу членовите за брзината и степенот на одговор, при што сите се решени да возвратат, но не се согласуваат за деталите.

Меѓу опциите што се разгледуваат е напад врз ирански објект кој би испратил порака, но би избегнал да предизвика жртви, според еден израелски функционер.

Меѓународниот притисок врз израелската влада да ја деескалира веќе опасната ситуација во регионот, исто така, игра улога во одлучувањето за сериозноста на одговорот.

 

16.04.2024 - 09:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега