Јанша со честитки кон Силјановска: Доминираше сама против сите

Поранешниот премиер на Словенија, Јанез Јанша упати честитки кон постигнатиот резултат на Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ.

- „Изгледа навистина добро за македонската опозиција. Честитки за Силјановска, која сама против останатите кандидати речиси доминираше во првиот круг. Честитки“, напиша Јанша на својот Твитер налог.

Новиот претседател на Република Македонија ќе се избира во вториот круг, бидејќи ниту еден од тројцата кандидати на вчерашното гласање не освои мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 904.066 гласови.

Според првичните неофицијални податоци од Државната изборна комисија (ДИК) од обработени 99,96 отсто од гласовите, води претседателскиот кандидат на СДСМ и Коалицијата Стево Пендаровски со 42,85 отсто, втора е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска Давкова со 42,24 отсто, а трет е кандидатот поддржан од Алијансата за Албанците и Беса, Блерим Река со освоени 10,57 отсто од гласовите. За Пендаровски гласале 323.846 граѓани, за Силјановска Давкова 319.240, а за Река 79.915 граѓани. Неважечки се 32.828 ливчиња. Одѕивот во првиот круг на Претседателските избори изнесува 41,82 отсто или на гласање излегле 755.816 граѓани.

Вториот круг на гласањето ќе се одржи на 5 мај, а во него ќе се соочат двајцата првопласирани на вчерашните избори, Стево Пендаровски  и Гордана Силјановска Давкова. За некој од двајцата кандидати да ја добие функцијата претседател на државата неопходно ќе биде  на гласање да излезат најмалку 40 отсто од вкупно 1.808.131 избирач кои се запишани во избирачкиот список, односно 723.253 гласачи. Доколку се исполни цензусот ќе победи тој што ќе добие повеќе гласови. Во спротивно ќе треба да се прогласат нови претседателски избори.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.04.2019 - 14:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега