Јанушев: Не гледам зошто било кој би размислувал во моментов за оставка, Мицкоски е легитимно избран на конгрес

„Не гледам зошто било кој би размислувал во моментов за оставка, бидејќи пред сѐ претседателот Мицкоски е легитимно избран на конгрес и има уште една година од својот мандат. Во минатото, за разлика од било кој претходно, Мицкоски на маса го стави довербата на Централниот комитет. Доби апсолутна доверба и не гледам зошто тоа би го правел“, одговори генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ – Игор Јанушев, во вестите на „Сител“, прашан дали можеби лидерот на партијата размислува за повлекување и дали тоа е причината што од 13-август, денот кога Пендаровски му го додели мандатот на Заев, го нема во јавноста.

Јанушев истакна и дека во овој период има(ло) поважни теми:

„Во овој цел период, имаме реални теми кои се проблем за граѓаните. Имаме 40 илјади нови невработени луѓе, имаме огромна бројка луѓе кои се оштетени од стечајот на Еуростандард банка и особено народот е изиритиран од односот на досегашната министерка за финансии. Имаме веќе половина година буквално девастирана состојба во здравството и неуспех во справување со корона-кризата…“, набројуваше тој.

Прашан зошто и покрај набројаното ВМРО-ДПМНЕ не успеа да победи на изборите/да формира влада, Јанушев одговори дека причините се очигледни:

„Видете, мислам дека никој од нас не е ниту слеп ниту глув во однос на она што се случуваше буквално во предизборието и буквално во предизборната кампања и оние огромни суми на пари – близу 1 милијарда евра, кои беа доделени како поткуп за граѓаните, но и уцените и заканите на кои сите ние, особено кои што учествувавме во кампањата, бевме сведоци. Да не заборавиме дека само два дена пред почетокот на кампањата, со уредба со законска сила, оваа влада буквално го промени Изборниот законик, каде што сите ограничувања за делувањето на владата – од исплатата на буџетски средства до вработувања, отпуштања, дисциплински постапки, буквално сѐ, вклучително и рекламниот простор кој што требаше да го имаме во кампањата, којшто беше половина помал од тој на СДСМ – буквално го сменија на два дена пред изборите. И да продолжиме да се правиме слепи и глуви, знаејќи ги и гледајќи ги сите овие работи коишто се случуваа во кампањата, мислам дека е сериозно потценување на македонскиот народ“, рече тој, додавајќи дека во текот на целиот период и преку целата кампања, ВМРО-ДПМНЕ ја алармирале јавноста за овие нешта, вклучително и на секој настап во текот на предизборната кампања.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.08.2020 - 22:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега