Јуве со нов пораз во ЛШ, спектакуларен гол на Халанд против „својата“ Борусија

Јувентус го забележа и вториот пораз во второто коло во новата сезона од Лигата на шампионите, откако дома беа поразен од Бенфика со 1:2,  додека Ерлинг Халанд „удри“ против својот поранешен клуб Борусија Дортмунд со неверојатен гол за 2:1 победа на Манчестер сити.

Во интересната вечер во ЛШ видовме и луда пенал-драма на Наполи кај Глазов Ренџерс, тесна победа на Реал Мадрид над Лајпциг, како и 1:1 реми на Челси против Салцбург во првиот меч на Греем Потер на клупата на „сините“.

На „Етихад“ не тргна најдобро за тимот на Пеп Гвардиола, откако големиот англиски талент Џуд Белингем ги донесе Борусија во водство во 58. минута од мечот, но во 80. минута, Џон Стоунс постигна редок гол за да израмни на 1:1, пред само две минути подоцна, Халанд со „акробатски“ гол да донесе 2:1 победа.

Јувентус пак, по можеби очекуваниот пораз од ПСЖ, доживеа домашен пораз од Бенфика, иако го имаше водството. Аркадијуш Милик уште во четвртата минута даде гол за „бјанконерите“, пред Бенфика да израмнат од пенал во финишот на полувремето преку Жоао Марио, за Давид Нереш да обезбеди триумф за гостите во 55. минута. ПСЖ, пак, иако губеше на гостувањето кај Макаби Хаифа се врти со двата гола на Нејмар и еден на Лео Меси за 3:1 победа.

Шампионот Реал Мадрид со 2:0 ги совлада РБ Лајпциг со голот на Феде Валверде во 80. минута и на Марко Асенсио во 91. минута, додека Наполи ја продолжи одличната серија со 0:2 победа кај Ренџерс. Во Глазгов, за малку трагичар ќе беше Пјотр Зиелински. Тој во 59. минута, успеа да промаши два пенали во низа (односно повторен пенал), за во 68. минута, кога беше досуден нов пенал за тимот на Елиф Елмас, одговорноста да ја преземе Матео Политано и да биде прецизен. Џакомо Распадори и Танги Ндомбеле во финишот на мечот ја потврдија победата со уште два гола.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ
ГРУПА А
Глазгов Ренџерс – Наполи 0:3
ГРУПА Б
Челси – Ред бул Салцбург 1:1
ГРУПА Ф
Реал Мадрид – РБ Лајпциг 2:0
ГРУПА Г
Копенхаген – Севилја 0:0
Манчестер сити – Борусија Дортмунд 2:1
ГРУПА Х
Јувентус – Бенфика 1:2
Макаби Хаифа – Пари Сен-Жермен 1:3

14.09.2022 - 23:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега