Каевски: Мицкоски да си даде оставка

Пратеникот од СДСМ Дарко Каевски денеска од пред партиското седиште побара лидерот на опозициската Христијан Мицкоски да си даде оставка.

-После сите лаги за наводно ново парламентарно мнозинство, Христијан Мицкоски треба да излезе пред граѓаните и да си даде оставка. Заради желбата за власт Мицкоски седна на иста маса со политичари кои се анти НАТО и анти ЕУ, со политичари кои се против Договорот од Преспа, против Охридскиот рамковен договор, против концептот едно општество за сите. Заради пуста желба за власт, Мицкоски ги погази сите негови претходни ставои, уште еднаш се потврди дека тој нема став, дека е обичен калкулант желен за власт, вели Каевски.

Според него, претседателот на Левица Димитар Апасиев е, како што вели, обичен поттрчко на Мицкоски.

-Неуспешниот обид за создавање ново парламентарно мнозинство, покажа и дека Димитар Апасиев не е ништо друго освен обичен потрчко на Мицкоски. Стана јасно дека Левица е исто што и ВМРО-ДПМНЕ, дека Мицкоски и Апасиев се едно исто. Се што Мицкоски кажа - излажа. Дури и парламентарното мнозинство го кроеше преку лаги и измами кон луѓето со кои седеше на иста маса.  Затоа оставка, рече Каевски.

Според него, граѓаните не сакале политичари кои немаат став.

-Мицкоски кончено треба да покаже грам одговорност и да си даде оставка. Граѓаните не сакаат и не заслужуваат политичари кои немаат став, кои едно зборуваат а друго прават. Мицкоски мора да им се извини на граѓаните за сите лаги со кои ја замајуваше јавноста, а потоа да преземе одговорност и да се повлече од политиката, вели тој.

 

13.11.2021 - 13:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега