Ким се фали со успехот во борба против коронавирусот: Детално го планиравме спречувањето на тој подмолен вирус

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун на состанокот на владеачката Работничка партија изјави дека Северна Кореја спречила вирусот да влезе во земјата.

„Темелно го спречивме упадот на опасниот вирус и ја задржавме стабилната епидемиолошка ситуација и покрај светската здравствена криза, што е одличен успех“, изјави Ким Јонг Ун.

Тој ги предупреди и ги повика жителите на Северна Кореја да останат „максимално внимателни“, стои во објавата на севернокорејската државна новинска агенција "KCNA".

Состанокот на Работничката партија доаѓа во моментите кога голем број на земји ги укинуваат рестрикциите и покрај тоа што светот се движи кон бројката од 10 милиони заразени и половина милион починати како последица на Ковид-19.

Северна Кореја повторно ги отвори училиштата, но ја задржа забраната за собири на јавни места. Исто така, задолжително е носењето на маски на јавни места.

Иако Северна Кореја се уште нема потврдено ниту еден случај на коронавирус, севернокорејското министерство за здравство пријави дека досега биле тестирани 922 лица и сите биле негативни. Стотици лица кои работат на границите и пристаништата редовно се проверуваат и минуваат низ „карантински мерки“.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.07.2020 - 09:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа