Ќе се ангажираат 400 невработени лица: Владата со нова мерка за превенција од пожари

 


Денес, со особена одговорност имам за цел да зборувам за новата мерка на Владата која е опфатена со оперативниот план за вработување: „Јавни работи за заштита и превенција од пожари“. Ова е програма која се спроведува за прв пат во нашата држава, рече портпаролката на Владата Марија Митева.

Митева посочи дека со оваа мерка, како држава правиме исклучително значаен исчекор- од реактивна кон проактивна политика во областа на заштитата од пожари и зачувување на животната средина. Наместо да дејствуваме несинхронизирано и откако штетите се веќе направени, денес започнуваме со процес на навремена подготовка, превенција и мобилизација на ресурси и луѓе.

Мерката предвидува вклучување на 400 невработени лица, кои ќе бидат ангажирани во јавни работи со фокус на создавање на противпожарни појаси и други активности за спречување и намалување на ризикот од пожари. Сакам да потенцирам дека секој ангажиран учесник ќе добива месечна финансиска поддршка од 24.000 денари. Исто така, важно е да нагласиме дека сите оние кои ќе покажат одобен интерес, посветеност и висока подготвеност по завршување на оваа мерка ќе бидат трајно ангажирани преку нивно вработување во институциите кои се надлежни за оваа работа, истакна Митева. 

Митева нагласи дека оваа мерка има двоен ефект- социјален и еколошки.

„Од една страна, обезбедуваме приход и вклучување на невработени лица, со што даваме конкретна поддршка на ранливи категории граѓани, односно на навработени. Од друга страна, создадовме функционален и одржлив систем на заштита од пожари, кој е предвидено да опфати 14 општини низ државата- општини каде имаме територијални противпожарни единици.

Пријавувањето ќе се одвива транспарентно преку Јавен повик, кој ќе биде објавен од страна на општините. Секое лице кое што се чувствува подготвено и мотивирано да даде придонес во оваа заедничка мисија, ќе може да аплицира со поднесување на пријава и апликација. Локалните самоуправи во овој случај ќе имаат активна улога во спроведувањето, затоа што борбата против пожарите е одговорност што ја споделуваме-  од централно, до најлокално ниво.

Дозволете ми да нагласам уште неколку работи:

како Влада на оваа мерка гледаме како на нов пристап. Ново сфаќање на јавниот интерес, на навремена интервенција, на државата која е присутна пред, а не по катастрофата. Пожарите, кои претставуваа хроничен проблем со долгорочни последици, особено за руралните и шумските подрачја, повеќе нема да бидат нешто што како Влада пасивно го очекуваме- туку нешто за што активно се подготвуваме да го спречиме.

Ги повикуваме сите граѓани, особено оние кои бараат можност да придонесат кон општото добро и да стекнат корисно работно искуство, да се пријават преку своите општини. Нивната улога ќе биде клучна. Секоја расчистена патека, секој спасен човечки живот- ќе биде доказ дека оваа мерка е мерка која прави разлика“, потенцираше Митева.

07.07.2025 - 12:55

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега