Ќе се унапредуваат капацитетите на породилиштата - ќе се реши и недостигот од доктори

 

Проценка на постојните капацитети на неколку родилишта низ државата со цел нивно зајакнување со посебен акцент на состојбата со опрема ќе извршат претставници од организацијата „Проект Хоуп“. Ќе бидат обезбедени стандардни пакети опрема за гинеколошките и педијатриските оддели на Клиничката болница во Тетово и Општата болица во Куманово во вредност од над 200 илјади долари.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека паралелно е обезбедена нова опрема за Клиниката за детски болести во делот на доопремување на Одделот за интензивна нега, меѓу кои и специјалниот транспортен монитор за пациенти кој е компатибилен за магнетна резонанца, како и централна станица за мониторинг на пациенти.

- До крајот на годинава ќе се обезбеди и централна станица за фетален мониторинг за Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир чија вредност изнесува 70 илјади долари, посочи Филипче.

Потенцира дека во соработка со „Проект Хоуп“ Министерството за здравство денеска организира и работилница со сите организации кои работат во Република Македонија во насока на намалување на мајчината и новороденечката смртност во државата.

- Даваат резултат пакет мерките на Владата и Министерството за здравство за намалување на доенечката смртност. Како што веќе информиравме намалена е смртноста на новороденчињата од 24,4 на 17,7 проценти во првите шест месеци во однос на истиот период минатата година, а државата има регионален рекорд на преживеано новороденче родено во 23-тата недела, додаде Филипче. 

Јан Ван ден Берг од организацијата „Проект Хоуп“ истакна дека веќе две и пол години работат на проектите во Македонија, а имале тренинзи за намалување на перинаталниот морталитет и морбидитет кај новороденчињата.

- Денеска ќе се видиме и со други организации како УНИЦЕФ кои ја споделуваат истата цел како нас со цел да не се преклопуваме во проектите во здравството. Денеска сме тука да го решиме проблемот со кој се соочувавме пред многу години во Холандија. Тука имате проблем со опремата, треба да се направат тренинзи на медицинскиот кадар кој има голема улога во сето ова, да се направат организациски промени, да се воведат услуги. Целта на овој состанок е тоа да се подобри, рече Јан Ван ден Берг. 

Одговарајќи на новинарско прашање посочи дека нивната и целта на Минстерството за здравство е да им се помогне на персоналот и на сите кои се засегнати по ова прашање, да се подобрат процедурите, протоколите и да се мотивира персоналот да ја заврши работата, но има и големо подобрување на тоа поле.

- Веќе имаме испратено неколку доктори во Германија и во Холандија кои учат нови процедури кои се уште не се употребуваат во Македонија. Соработуваме со Универзитетот во Бон и Амстердам. Вашите доктори имаат големо знаење, меѓутоа им недостига уште малку тренинг за да можат да ги направат сите тие процедури, додаде Јан Ван ден Берг.

Филипче одговарајќи на новинарско прашање рече дека скринингот се однесува на состојбата со опремата, организацијата „Проект Хоуп“ донирале опрема на интензивната нега на Детската клиника, а тоа сакаат да го направат и во другите родилишта во земјата, каде има најголем број раѓања, бидејќи, како што појасни, е подготвена голема количина опрема која вреди околу 200.000 долари за болниците во Куманово и Тетово.

- Направивме целокупен план, ги разгледавме сите аспекти на проблемот со новороденечката смртност, ги разгледавме состојбите во родилиштата во однос на опременост. Посебно внимание посветивме на нивото на експертиза на докторите и на медицинските сестри. Разговаравме за можностите како да се зголеми нивната експертиза преку различни модули на едукација. Инвестиравме во опрема, а тоа продолжуваме да го правиме. Се што тие организации нема да го донираат ние ќе го набавиме, рече Филипче. 

Одговарајќи на новинарско прашање потенцира дека надвор од функција се родилиштата каде нема гинеколози.

- Се користат во ултра итни случаи матичните гинеколози кои порано работеле во тие родилишта. Направен е увид на сите родилишта во земјата, идентификувани се сите проблеми, нема значајни отстапувања освен во кадарот во некои од нив. Сега правиме анализа како тој број доктори кои недостигаат да го надополниме. Се планира прием на лекари, решение кое веднаш нема да даде резултати. Затоа во соработка со Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје се праќаат гинеколози таму каде треба во родилиштата ширум земјата, додаде Филипче. 

 

 

 

18.07.2018 - 11:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа