Ќерката на Навални: „Ти го даде животот за мене“

Даша Навални, ќерката на починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, се прости од својот татко на Инстаграм.

Таа на денот на погребот објави постара фотографија на која се насмеани и гушнати.

„Секој обично вели дека нивните родители се нивниот пример. Во мојот случај, тоа е вистина. Тато, ти беше пример за многумина во светот. Твојот оптимизам и заразна, искрена насмевка. Твојата љубопитност и жед за ново знаење. Твојата неверојатна способност да најдеш заеднички јазик со сите. Смисла за хумор. Упорност. Способност да се изберат зборови во вистинскиот момент (или шега што ќе ги опушти другите во тешка ситуација). Твојата добрина, верба во добрината, во себе, во луѓето“, пишува Даша Навална.

Во пораката додава дека татко и ја научил да живее по принципи уште од детството.

„Да живееме достоинствено. Го даде животот за мене, за мојата мајка, за Русија, а јас ти ветувам дека ќе го живеам животот така како што ме научи, за да бидеш горд, и што е најважно со истиот блескав насмев на лицето. Отсекогаш си бил и засекогаш ќе останеш мој пример. Мојот херој. Мојот татко. Те сакам многу, почивај во мир“, пишува Даша за својот татко.

Алексеј Навални беше погребан денеска во Москва.

До неговото вечно почивалиште го придружуваа неколку илјади поддржувачи.

01.03.2024 - 22:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега