Ќучук – Мицевски: Подготвеност да се помогне во приближување на ставовите на власта и опозицијата

 Координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски денеска во Собранието одржа работен состанок со известувачот за нашата земја на Европскиот pарламент, Илхан Ќучук, на која, како што информираат од пратеничката група, било разговарано за актуелните случувања и состојби околу функционалноста, ефикасноста, дијалогот и соработката помеѓу власта и опозицијата, како и помеѓу пратениците и пратеничките групи во рамките на Парламентот.

На состанокот од страна на известувачот на Европскиот парламент Илхан Ќучук, се вели во соопштението, била изразена желба и подготвеност да се помогне во надминување на разликите со цел приближување на ставовите на власта и опозицијата, што ќе значи поефикасно и заедничко делување за решавање на секојдневните проблеми како на граѓаните, така и на државата во целост.

Мицевски, на средбата посебно се осврнал на проблемот со инклузивноста на опозицијата во важните процеси и донесување на важни законски решенија, како и „за непочитување на демократските процедури и Деловникот за работа на Собранието“. Во контекст на ова, се вели во соопштението, било отворено прашањето и за „злоупотребата на европското знаменце и скратената постапка од страна на владата при носење на закони и законски решенија во Собранието“.

На средбата, се вели во ссопштението, се разговарало и за актуелните проблеми и предизвици со кои се соочува државата, како што е високиот степен на корупција и криминал, што неоддамна беше потврдено и со Извештајот на Транспаренси Интернешнл сместувајќи ја земјава на 111 место во светот.

Се разговарало за економската состојба и задолженоста на државата, но и за справувањето со последиците предизвикани од КОВИД кризата.  Неизбежно, се вели во соопштението од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, било да се спомене и актуелната ситуација и разликите помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, со цел одблокирање на процесот за отворање на пристапни преговори со Европската унија.

На крајот, Мицевски изразил голема благодарност за продуктивната средба пропратена со позитивна атмосфера и искрена намера за изнаоѓање на решенија во корист на граѓаните, посочувајќи дека само на овој начин, со искрена и отворена комуникација помеѓу сите субјекти и чинители на политичката сцена, земјата ќе успее да го продолжи патот кон европската интеграција и полноправно членство во европското семејство. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.02.2021 - 14:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега