Кој сака да му ја украде партијата на Горан Милевски?

ВМРО-ДПМНЕ се обидува да изврши пуч во ЛДП. Вака малата владејачка партија се обидува да го отфрли притисокот кој почна да се создава врз нејзиното раководство и лидерот Горан Милевски откако поранешниот директор на Универзална Сала, Филип Аврамчев, инаку член на партијата го обвини лидерот за непотизам.

„Јасно е како ден дека актуелниот директор на Универзална сала, кој во јавноста ги пласира невистините за претседателот на ЛДП, е во тесна спрега со опозицијата. Затоа, ЛДП, јавно ја повикува градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска да ги објави финансиските извештаи за работењето на Универзална сала, особено делот за незаконско работење, за кој беше обвинуван актуелниот директор на прес-конференциите на ДПМНЕ, за време на изборната кампања. Срамно е што киднапираната ДПМНЕ си дозволи да користи ниски методи за уцена на поединци со цел нанесување на штета на угледот на претседателот на ЛДП и инсталирање за нив „подобен“ претседател кој ќе ја реализира агендата за враќање на власт на нереформираното ДПМНЕ“, се вели во соопштението од ЛДП.
Аврамчев пак врати дека партијата врши притисок врз него и се обидува да го заташка нестатутарното работење.

Сите финансиски извештаји за работата на Универзална сала, освен овогодинешниот, кој се работи во моментов се јавно достапни. Не мора да ја барате градоначалничката Арсовска, јас лично ќе ви ги доставам“, вели поранешниот директор на Универзална сала.

-Сѐ почна од моето барање на маил групата на ЦО на ЛДП за работење согласно статут. За жал после тоа се соочив со сериозни напади и лични дисквалификации од страна на Претседателот Милевски, кои се несвојствени за еден обичен хомо сапиенс, не пак за носител на висока јавна функција, вели Аврамчев.

Милевски се најде на мета на серија напади откако опозицијата го обвини дека си го вработил половина семејство во државните институции.

„Дури и членови на ЛДП преку медиумите обвинуваат дека Милевски откако е министер си ја вработил сопругата на Клиника, додека баџанакот го поставил за директор во Државна Лотарија. Милевски има вработено свој братучед во Државната видео лотарија, а кумашинот во Идризово, додека кумашинката си ја вработил во министерството за локална самоуправа. Дали Милевски преку ЛДП ја поддржува мафијашката влада на СДСМ – ДУИ, за да си ги вработува роднините во администрација?“, прашаа од опозициската партија.

Целата оваа ситуација Милевски и ЛДП ја сметаат за обид за пуч во нивната партија. Сепак, во денешното соопштение во кое го обвинуваат Мицкоски дека им ја краде партијата нема ниту еден демант за обвинувањата дека Милевски сам се предложил за Министер за локална самоуправа а што е уште поважно, никаде не се демантира дека актуелниот лидер на ЛДП си го вработил половина семејство во државните институции

20.01.2022 - 18:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега