Колку време би можела да трае процедурата за екстрадиција на Палчо?

Министерот за правда, Кренар Лога очекува постапката за екстрадиција на првоосомничениот за двојното грозоморно убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски – Палчо, да се одвива брзо и тој да биде изведен пред македонските органи.

-Јас верувам дека за релативно кратко време ние ќе добиеме позитивен одговор и осомничениот ќе биде меѓу нас, рече Лога.

Но, и покрај оптимизмот на Лога, турските закони не предвидуваат толку брза постапка за екстрадиција.

Универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев вели дека согласно целата постапка може да трае и повеќе од еден месец. Тоа е така бидејќи различни институции ќе треба да ја одобрат.

-Постапката за жал, наспроти очекувањата на нашата јавност, веројатно ќе потрае повеќе. Не можам да кажам сега колку точно. Веројатно Министерството за правда има повеќе искуство за да каже. Меѓутоа, се одвива во неколку нивоа. Значи, кога веќе е почната, паралелно тој е лишен од слобода по потерница, сега мора да стигнат нашите документи за да го држат него, вели Калајџиев.

Професорот појаснува реториката на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и обвинителот Гаврил Бубевски не одат во прилог на целата постапка. „Монструм“ и „психопат“ можат да бидат искористени од Палчо и тој да наведе дека во Македонија нема да добие фер судење поради реториката што се шири против него во јавноста.

-Препреки си создаваме ние. Преголемата хајка, несмасни изјави на политичари... Вчера слушнавме изјави на министерот ги прогласи за „малоумни“. Тоа би им користело. Ако не непресметливи, или видно намалено пресметливи можеби ќе одговарате полесно или нема да одговарате. Имаше изјави дека се знае кои се и слично. „Монструми“, едно, друго трето... се создава хајка за која утре може некој да тврди дека во државата нема услови за фер судови.

Токму ова го предвидуваат и турските закони, односно осомничениот може да одбие да биде екстрадиран во Македонија наведувајќи безбедносни причини, но тогаш ќе мора да докаже дека му е загрозена безбедноста.

Според турските судски процедури, најпрво ќе треба да биде утврдено дека Палевски за кого се бара екстрадицијата не е државјанин на Турција и дека делото не го извршил на нивна територија. Ќе се проверува и дали делото не е застарено, но и дека за истото не е предвидена амнестија според македонските закони.

Според нивната процедура најпрво локален суд одлучува за самото апсење, а за екстрадиција кон Македонија одлучува висок Кривичен суд, таканаречен сериозен суд или суд за тешки кривични дела. Ако судот одобри екстрадиција има право на жалба. Во таков случај потоа одлука носи министерски совет.

Оваа постапка може да потрае и до една година, дури и во случај на поедноставени постапки кои обично траат од два до четири месеци.

07.12.2023 - 19:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега