Комитетот за односи меѓу заедниците одбележа 20 години постоење
Комитетот за односи меѓу заедниците, во рамките на својата 17. седница, свечено ја одбележа 20-годишнината од своето постоење. Седницата ја отвори претседателката на Комитетот, Арбана Пашоли, која изрази чест и задоволство за овој јубилеј, кој го означува стремежот за изградба на модерна држава со мултиетмичка разновидност.
Во својот говор, Пашоли истакна дека меѓуетничкиот соживот останува приоритет над приоритетите за обезбедување на мирот во земјата и регионот, и во таа насока се и надлежностите на Комитетот да разгледува прашања поврзани со односите меѓу различните заедници и да изготвува предлози за нивно решавање. Етичките вредности како почит, одговорност, емпатија и помирување, се од суштинско значење. Социјалната кохезија не може да се постигне без негување на социјалната свест и учење да се реагира без предрасуди и омраза кон различните култури со кои живееме. Пашоли го заврши својот говор со првиот член од Универзалната декларација за човекови права: „Сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правата“.
Свое обраќање имаше и потпретседателот на Собранието, Хусни Исмаили, кој го поздрави овој настан со кој се заокружува еден важен период од основањето, растот и развојот на ова тело од уставна категорија, заеднички успех на сите пратенички состави. Тој рече дека Комитетот е основан во време кога нашата земја излезе од воен конфликт со потпишување на Охридскиот рамковен договор, акт којшто ја промени иднината, но и визијата за понатамошниот од на нашата земја. Да се работи на подигнување на граѓанската свест во однос на почитувањето на различностите, да се искорени говорот на омраза и национализмот, да се спречи дискриминацијата! – порача потпретседателот Исмаили.
Ејуп Рустеми, како прв претседател на Комитетот, се наврати на формирањето на истиот, на тешкиот изоден пат за спроведување на Рамковниот договор, со цел градење на една мултикултурна држава, денес членка на НАТО.
Во продолжение збор зедоа и членовите на Комитетот: Марија Георгиевска, Дафина Стојаноска, Љупчо Балкоски, Љатифе Шиковска и Санела Шкријељ.
Георгиевска апелираше да се гарантира еднаквоста во сите сфери, инклузивно, праведно и еднакво општество за сите.
„Да живееме едни за други, едни со други, а не едни покрај други“ – порача Георгиевска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа