Кордалов за МИА: На тема образование не смее да има импровизации и изговори

Образовните институции имаа доволно време да дејствуваат и да преземат конкретни мерки и чекори кои барем малку ќе влеваат доверба кај родителите. Шест месеци се период во кој Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието можеа и требаше по неколку пати да ги обиколат училишните објекти во секое населено место и град и заедно со општините и менаџментот на училиштата одамна да ги имаат мапирано сите потенцијални проблеми и предизвици, но и најдено решенијата буквално за секој ученик поединечно.

Ова во интервју за МИА го потенцира Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, со кого разговаравме за тоа кој е најдобриот начин за почеток на новата учебна година во нашата земја.

Во интервјуто за МИА Кордалов говори и за тоа колку навистина онлајн учењето кое произлезе од коронакризата беше онлајн и за тоа како всушност коронакризата ја извади на виделина некако подзаборавената потреба од дигитализација на сите сфери на општественото живеење, па така и на образовниот процес.

-Искрено, какво било оправдување зошто ова не е спроведено на овој начин јас не можам да најдам, но крајно време е надлежните во образованието да сфатат дека на тема образование не смее да има импровизации и изговори. Ако се дејствуваше брзо и ефикасно, немаше да се создадат толкави противречности и спротивставеност помеѓу поддржувачите на онлајн учењето и родителите кои ја преферираат наставата во училница, вели Кордалов во интервјуто за МИА.

Нагласува дека се потребни темелни реформи во образованието, но кои во средиштето ќе ги стават навиките и потребите на новите генерации, а тука интернетот и дигитализацијата играат огромна улога.

 

Потсетува дека пред само неполн месец Евростат соопшти дека 64 проценти од младите во земјава имаат основни или нешто подобри дигитални вештини, а за споредба, бројката во Хрватска изнесува 97 проценти, што значи дека заостануваме за цела третина пред оваа држава.

 

-Мислам дека со оваа официјална европска статистика најдобро се насетува данокот кој за брзо ќе треба да го плаќаме сите, а е предизвикан од децениското невложување во образованието и неговата дигитализација. Или едноставно кажано, ова е очекуван резултат од земја чии образовни институции одбивале или не успеале да изградат образовен систем базиран на дигитализацијата, односно на потребите и навиките на учениците и студентите, вели меѓу другото Кордалов во интервју за МИА.

Целото интервју може да го прочитате ТУКА.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.08.2020 - 08:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега