Коронавирусот предизвика хаос во Њујорк: Повеќе од 75 илјади заразени, меѓу нив и над илјада полицајци

Њујорк е најтешко погоден од епидемијата на Ковид-19 во САД. Во оваа американска сојузна држава има над 75 илјади заразени, од кои 1,193 лица се полициски службеници.

„СиЕнЕн“ пренесува дека со коронавирус се заразени 1,048 униформирани полицајци и 145 цивилни службеници на њујоршката полиција. Гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо наведе дека во градот како последица на Ковид-19 починале 1,550 лица, од кои 332 денес. Тој додаде дека 10,929 лица се хоспитализирани.

Гувернерот изјави дека никој не знае кога ограничувањата ќе бидат укинати, а животот во градот ќе се врати во нормала.

„Сите сме загрижени и уморни, нашиот цел начин на живот е пореметен, а сите сакаат да знаат кога ова ќе биде готово“, изјави Куомо за американските медиуми и ги повика жителите на градот да ги прилагодат своите очекувања за да не се будат секое утро разочарани.

„Сите можете да имате хипотези, проекции, мислења, но никој не знае кога ова ќе престане. Можам само да кажам дека во скоро време нема да престане“, изјави Куомо.

Гувернерот на Њујорк проговори и за здравствениот систем на Њујорк и напомена дека државата има повеќе од 160 болници и други „здравствени системи“ кои ги вклучуваат и приватните и јавните сектори кои „соработуваат како никогаш досега“.

„Во Њујорк имаме на располагање вкупно 75 илјади болнички кревети, а болниците во околните региони исто така можат да бидат ставени на располагање. Точно е дека тоа е многу полесно да се каже отколку направи, но немаме други опции“, заклучи Куомо.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

01.04.2020 - 10:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега