Костадинов: Буџетот за 2021 е скроен за да одговори на економските и здравствените предизвици од коронакризата

Предлог-Буџетот за 2021 година подготвен од Владата предводена од СДСМ е во насока на уште посилна поддршка на здравствениот систем и засилена помош за домашната македонска економија, рече денеска на прес конференција потпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

„Тоа се гледа и во расходната страна и распределбата на средства на буџетот по функционални области каде за Економски работи се обезбедени 70,2 милијарди денари; За здравство 40,8 милијарди денари; Заштита на животна средина 1,4 милијарди денари; Образование 28,6 милијарди денари; Социјална заштита 90,28 милијарда; Одбрана 9,92 милијарди денари и Јавен ред и мир 17,2 милијарди денари. Со предвидените 90,28 милијарди денари за социјална заштита и 70,2 милијарди денари за економски ставки, Владата предводена од СДСМ праќа јасна порака дека помошта за економијата, помошта за спас на работните места и поддршка на најранливите категории продолжува уште повеќе и уште подобро“ рече Костадинов.

Тој наведе дека вака скроениот Буџет за 2021 година е во насока да одговори и на здравствените и на економските предизвици од коронакризата, но истовремено нуди можности за брз рестарт на македонската економија.

„Стопанството, работниците, синдикатите, здравствените работници, но и сите граѓани, треба да бидат сигурни дека државата е тука за да им се најде, да им помогне во справување со последиците од кризата. Спас на работните места, вложување во здравството, помош на погодените од коронакризата се приоритетните заложби во Предлог-Буџетот за 2021 година.
 Очекуваме низ отворена, конструктивна дебата во Собранието, тој да биде донесен за последиците од коронакризаната брзо да се надминат.Како одговорна партија, продолжуваме да вложуваме во човечкиот капитал, во јавното здравје, во се она што е важно за нашите граѓани“ рече на прес конференција Костадинов.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.11.2020 - 13:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега