Костадинов: ВМРО-ДПМНЕ уште долго ќе бидат во опозиција

Гледаме дека изборните ветувања не важат и затоа ова е коалиција на лага, оцени опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница во Собрание за избор на нова влада, предложена од мандатарот Зоран Заев.

Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека ова е коалиција на лага, зошто пред изборите СДСМ ветуваше влада без ДУИ, а ДУИ ветуваше премиер.

– Гледаме дека изборните ветувања не важат и затоа ова е коалиција на лага. Ова е коалиција на изборни измами, затоа што се вршеше поткуп и притисоци и селективно делење картички. Ова е коалиција и влада со најмало мнозинство во историјата, изјави Николовски.

Во однос на економијата, нагласи Николовски, слушнавме многу и се ветуваше многу и од претходната влада, но малку се оствари.

– Не слушнавме ништо и во однос на можното вето од Бугарија за членство во ЕУ. Дали тоа значи откажување од македонскиот јазик и ќе се прави компромис со Гоце Делчев, изјави Николовски.

На граѓаните, Николовски, им порача дека се гледаат по градовите и селата, на протести, на кои, како што рече, ќе ја соборат оваа влада која ќе биде со најкраток мандат.

Костадин Костадинов, од СДСМ, пак, во реплика рече дека е убеден дека ВМРО-ДПМНЕ уште долго ќе бидат во опозиција со ваквиот однос и ширење на лаги на ВМРО-ДПМНЕ.

– Лажевте за бројот на лица кои останале без работа во време на корона кризата. Лажете и сега за автопатите. Не кажавте како додека ние правевме напори за помош на граѓаните и економијата, вашата заминк министерка во финансии не сакаше да потпише и го кочеше процесот, рече Костадинов.

Неговиот сопартиец Дамјан Манчевски, исто така во реплика потенцираше дека крајниот резултат од овие избори е дека ВМРО-ДПМНЕ го доживува третиот пораз по ред.

– Целата ваша кампања е врз национализам и тоа немање на ставови, граѓаните го препознаа. Нервозата веројатно е разбирлива, по три порази, разбирливо ви бараат и оставка,рече  Манчевски.

Во однос на мнозинството на предложената влада, Манчевски нагалси дека и минатата влада почнала со 60, па на крајот стасала до 80 пратеници за носење на тешките прашања.

Реплицирајќи му на Манчевски, Благица Ласоска, од ВМРО-ДПМНЕ, му порача дека тој се уште живее во својата елитистичка самоувереност, немајќи контакт со граѓаните.

– Видовме како со неуспешен референдум, на балкански начин успеавте да изгласате уставни измени. Со уцени и селективна правда, со амнестија на тие што ви требаат, рече Ласоска.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.08.2020 - 13:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега