Костадиновска-Стојчевска: Нема да дозволам штетни одлуки за Библиотеката во Тетово и обиди културата да се користи за личен или партиски интерес

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција во Медија-центарот во Владата, одговарајќи на новинарско прашање, се осврна на состојбите и актуелните случувања во НУ Библиотека „Кочо Рацин“ во Тетово.

Костадиновска-Стојчевска, давајќи прецизни информации за сите активности поврзани со Библиотеката во Тетово, појасни дека во насока на квалитетно и совесно користење на просторот во НУ, се дошло до идејата Делегацијата на Европската Унија во нашата земја да добие простор во една од националните установи во Тетово, како град кој треба да биде ослободен од националистички реторики и кој треба да претставува вистински пример за општество за сите.

Министерката за култура нагласи дека по отселувањето на Државниот универзитет во Тетово, кој до неодамна користеше простории во Центарот за култура во Тетово, било договорено една од тие простории, до изградбата на новиот објект наменет за библиотека и театар, да користи Библиотеката, а еден дел да користи Делегацијата на ЕУ во нашата земја.

„По разните премерки на просторот, дојдовме до заклучок дека она што треба да го направи Библиотеката е од постојните простории да се помести во следната врата каде што ќе добие до 100 квадратни метри повеќе простор за цел нивен книжен фонд. Тој простор ќе го реновираме и ќе се осовремени, и ќе го користат сѐ до нивното преселување во новиот објект наменет за библиотека и за театар во Тетово, кој ќе биде готов во 2027 година“, рече Костадиновска-Стојчевска. 

Таа потенцираше дека не ја оправдува манипулацијата на директорката на Библиотеката во Тетово, која тврди дека ѝ се прави некаков притисок и дека вработените не сакаат да се преселат од еден во друг простор во истиот објект.

„Напротив, тимот од Библиотеката, кој уште на самиот почеток беше формиран да направи процена што треба да се реновира во новите простории, соработува со вработените во Министерството за култура. Нема да дозволам ниту една национална установа да биде оштетена или да се раководи несовесно“, додаде Костадиновска-Стојчевска, која нагласи дека директорката на Библиотеката е на подолго боледување, не била достапна за разговор, а никој од вработените нема право да носи одлука во нејзино име.

„Изминатиот период, кога  и да се обратевме до директорката, таа постојано не беше достапна, не добивавме никаков одговор, ниту позитивен ниту негативен. Жал ми е што сѐ уште постојат личности кои и самите национални установи и секторот култура го користат за личен интерес и за партиски препукувања. Апелирам таквото однесување да престане. Ако можеме на еден фронт во странство да покажеме дека културата може да нѐ обедини, не може тоа да не го покажеме дома. Не сакам да има искористување на вработените во какви било цели и препукувања“, порача Костадиновска-Стојчевска.

Таа појасни дека во новите простории, Библиотеката добива екстра простор, а дали тоа ќе значи поинаков распоред на библиотечните добра, тоа дополнително треба да го утврдува комисија составена од вработени во Министерството за култура и од Библиотеката.

„Библиотеките се многу важен сегмент во областа на културата, тие се за сите, библиотеките  никој не смее да ги користи во лични цели и за остварување на лични агенди и затоа апелирам тензијата за тоа каде ќе се смести Библиотеката во Тетово да престане. Како министерка за култура, нема да донесам несовесна одлука и јас тоа го барам од директорите“, рече на денешната прес-конференција министерката за култура Костадиновска-Стојчевска. 

Таа уште еднаш нагласи дека Библиотеката во Тетово во 2027 година ќе добие ултрамодерен простор со современи читалници, а сегашниот простор е привремено решение, што не значи дека ако им се допадне сегашниот простор, тие да не можат да го користат и во иднина.

21.09.2023 - 19:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега