Ковачевски: Да се обединиме за европска иднина и европска Македонија

Премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, во одговор на пратеничко прашање од македонското Собрание денеска повика на обединување на сите чинители околу европскиот пат на државата.

„Нашата земја е соочена со големи предизвици и се наоѓа во пресудни моменти во кои што се одредува нашата иднина. Има потреба од единство, сплотеност, заедништво, лидерство. Тоа го очекуваат нашите граѓани. Тоа ѝ треба на нашата држава и ние сме спремни тоа да го направиме“, рече претседателот Ковачевски.

Ковачевски кажа дека е дојдено време кога сите граѓани, медиуми, организации и политички партии треба да се исправат пред предизвикот на пресудните моменти за заокружување на нашата државност преку полноправно зачленување во Европската Унија

„Како државотворни и одговорни лидери и предводници на сите основачки одлуки за независна, еднаква и евроатланска земја во последните три децении, сметам дека е дојдено време да ги повикам сите општествени чинители, граѓаните, медиумите, невладините организации, академската заедница и политичките партии, посебно парламентарните, да се исправат пред предизвикот на пресудните моменти за заокружување на нашата државност преку полноправно зачленување во Европската Унија. Дојдено е време за заедништво, време е за храброст и за лидерство и ние сме подготвени да подадеме рака, надминувајќи се себеси и теснопартиските интереси. Затоа, првенствено ги повикувам коалиционите партнери со кои што ги донесовме тешките и пресудни одлуки за независност, еднаквост и евроатлантска држава како и опозицијата, да се обединиме околу стремежот за евроинтеграција, стремежот за Европска Македонија. Јас сум убеден и подготвен. И сите ние треба да сме убедени и подготвени“, повика претседателот на СДСМ и премиер на Македонија.

29.09.2022 - 18:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега