Ковачевски е за лидерска со проширен дневен ред, опозицијата сака предвремени избори

Лидерска средба, но без уцени и со проширен дневен ред е прифатлива за премиерот Димитар Ковачевски, додека лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски останува на ставот дека единствено решение за сите проблеми се предвремени избори и оти без ова прашање не може да се разговара.

Премиерот Ковачевски смета дека треба да има средба за теми кои, како што рече, се од интерес за граѓаните, а не единствена точка на дневен ред да биде предвремени избори, бидејќи избори ќе има во 2024 година.

-Уцена со одбројувања, пет дена, четири дена, единствена точка на дневен ред, предвремени избори – таква средба не може да има. Затоа што не може да биде единствена точка – предвремени избори, изјави вчера Ковачевски по посетата на германската компанија од автомобилската индустрија „Маркарт“ во велешкото село Долно Каласлари.

Според Ковачевски, со блокирање не се прави штета ниту на Владата, ниту на Собранието, туку се прави единствено штета на компаниите, на граѓаните и на државата.

Тој ги повика сите пратеници да бидат на ниво на својата задача бидејќи, како што рече, тие не се избрани од претседател на политичка партија, туку се избрани од народот и треба да работат за потребите и за унапредувањето на животот на граѓаните.

–  Парламентот да функционира… имаме 64 пратеници поддршка, дополнително уште една партија која што се придружи на коалицијата и не постојат никакви ограничувања за носење на потребните одлуки за граѓаните, порача премиерот Ковачевски.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вчера од Прилеп каде што учествуваше на обука за градоначалници организирана од Фондацијата „Конрад Аденауер“, порача дека е подготвен да зборува за сите отворени прашања како и за определување датум за одржување предвремени парламентарни избори, но без тоа прашање не може да се разговара.

07.05.2022 - 10:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега