Ковачевски на средба со дипломатскиот кор: Европскиот предлог е солидна основа за градење државнички став
Европскиот предлог претставува солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја. Процесот за носење конечна одлука е транспарентен и со јавноста се споделуваат сите детали со цел информирањето да биде објективно од институциите на државата, истакнаа премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи на средбата со дипломатскиот кор во земјава.
На средбата, како што информира владината прес-служба, присуствуваа амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз, амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер, в.д амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Џулија Смит, в.д амбасадорот на Италија, Марио Де Роса, како и заменик амбасадорот на Германија, Ото Граф.
-Ковачевски и Османи ги информираа амбасадорите за текот на широките консултациите кои Владата ги води со медиуми, експертски групи, политички аналитичари, коалициони партнери, опозицијата и останати партнери и соработници. Амбасадорите присутни на состанокот дадоа поддршка за транспарентниот начин на спроведување на процесот, како и за силните заложби на Северна Македонија и стратешките определби за соработка и партнерство со САД и ЕУ. Беше заклучено дека неопходно е и натаму да се градат и поддржуваат демократските вредности како единствена определба која води кон напредок, просперитет и подобри услови за живот на граѓаните во земјата, се наведува во соопштението од Владата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа