Ковачевски: Се покажува дека со Петков го одбравме вистинскиот пристап

Денешниот собир само потврдува дека со бугарскиот премиер Кирил Петков го одбравме вистинскиот пристап и начин кога кажавме дека ќе дадеме политичка иницијатива, но дека сепак организациите коишто се дел од секторите за коишто ние разговаравме се тие коишто треба да ја водат дебатата и коишто треба да направат мостови помеѓу деловната заедница, образовните институции, студентите, граѓаните воопшто, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на конференцијата БГМК2030 „Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво“.

– Ми претставува задоволство да се обратам на оваа конференција. Тоа задоволство се должи на концептот на конференцијата, дефиниран во нејзиниот назив БГМ 2030, граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво. Идејата на конференцијата се совпаѓа со идејата за динамично, новото динамично придвижување на односите меѓу Република Бугарија  и Република Северна Македонија, истакна Ковачевски.

Тој нагласи дека неговата и намерата на Петков е да отворат најшироко поле за соработка меѓу голем број на засегнати страни во општествениот живот.

– Граѓанскиот придонес, придонесот на Академијата и соработката на високообразовните институции се еден важен елемент во тој процес. Точно е дека испишувањето на новите страници, на односите меѓу двете земји, е поставена на високо ниво и тоа на ниво на влади. Но, јас и премиерот Петков, ја презедовме иницијативата процесот да се води инклузивно од надолу кон горе, односно проектите за унапредување на соработката и на пријателството помеѓу народите на двете земји да дојдат од тие кои се директно засегнати за нив и кои ќе бидат директно задолжени за нивно спроведување, посочи премиерот Ковачевски.

Тој потенцира дека му е драго што практично во истата недела на одржувањето на заедничкиот состанок на владите на двете земји во Софија, веќе се одржува еден собир на којшто е присутна академската заедница, на кој се присутни професори и студенти и има размената на мислена и знаења за она што е современо општеството и она што може да донесе нов импулс не само во односите помеѓу двете држави, туку и во унапредување на квалитетот и професионалните перформанси на студентите.

29.01.2022 - 11:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега