Ковачевски за спорот со Софија: Не би се врзувал со датуми за решавање на проблемот

Новата владина програма ќе биде фокусирана на економијата и на зголемувањето на ефикасноста во извршувањето на работата, особено во зголемување на реализацијата на капиталните инвестиции, рече лидерот на СДСМ и мандатар за нова Влада, Димитар Ковачевски во гостувањето во Дневникот на Сител. Вели дека фокусот ќе биде и во справување со здравствените и економските последици од пандемијата од Ковид-19, но и електро-енергетската криза.

Но, не изостави да го спомене и спорот со Бугарија и ветото за почеток на преговорите со Европската унија.

-Јас ќе останам посветен на европскиот пат на Република Северна Македонија. Значи, тоа нормално ќе биде еден од главните приоритети. Јас неколку пати повторувам дека ние како држава ги имаме исполнети сите услови за добивање датум за прва меѓувладина конференција. Во однос на посетата на бугарскиот премиер, нормално дека во духот на добрососедските односи дека први со коишто ќе се сретнам ќе бидат премиерите на соседните држави. Со оглед на тоа што со Република Бугарија имаме дополнителен предизвик од којшто зависи отпочнувањето практично на нашите преговори со Европската унија. Како што тој самиот најави дека по формирањето на нашата Влада сака да ја посети РСМ. Јас исто така во едно мое интервју, и сега повторувам дека со задоволство го очекувам господинот Петков, премиерот на Бугарија за да можеме да разговараме конкретно за начинот надминување на спорот којшто го имаме со соседна Бугарија, рече Ковачевски.

Вели, историјата не може да биде единствена тема за разговор меѓу Скопје и Софија. Според него, треба да се разговара за иднината бидејќи соработката во економските инвестиции ќе донесе зближување меѓу граѓаните на двете држави.

-Исто така ќе донесе и бенефети за граѓаните од двете држави од таа економска соработка. Така што, нормално е да разговараме на тие теми. Нормално е да има стручни работни групи коишто ќе разговараат. Исто така, господинот Петков најави одредена временска рамка. Јас сметам дека разговорите треба да се одвиваат во духот на европските вредности. Ние како држава имаме свои позиции изградени во Собранието. Бугарија исто така има изградено свои позиции во рамките на нивните институции и во рамки на тие европски вредности. И почитувајќи ги тие европски вредности достоинството на двете држави сметам дека можно е да се најде решение за овој спор и да ја почнеме првата меѓувладина конференција. Не би се врзувал за датуми, сега сакам да ги направиме првите разговори и после тоа да видиме каков би бил процесот на решавање на тој проблем, рече Ковачевски.

28.12.2021 - 19:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега