Ковачки: Злосторничката групација составена од полицајци на Заев и Спасовски договарале малтретирање на граѓани за изборната кампања

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека полициски службеници преку социјална мрежа се координирале за, како што велат, физичко малтретирање и селективно попречување на слободата на движење на луѓе кои не се дел од СДСМ.

Членот на извршниот комитет Драган Ковачки на прес-конференција објави дел од конверзациите кои се воделе во Вибер групата.

-Полицајци блиски до Социјалдемократскиот сојуз одработувајќи за оваа партија, формирале злосторничка група за време на изборната кампања чија цел е следење на членови на ВМРО ДПМНЕ и злоупотрeба на службените овластувања, со цел физичко малтретирање и селективно попречување на слободата на движење на луѓе кои не се од Социјалдемократскиот сојуз. Групата од над четириесетина полицајци се координирала на апликацијата вибер. Во таа група именувана „ХХХ“ според она што досега го идентификувавме има началници, полициски командири и полицајци во улога на партиски извршители. За изборите било договарано, следење, малтретирање и шиканирање на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ. Во групата членувале и командирот на ОВР Прилеп  - Дарко Цуцулоски, заменикот командир - Ванеса Колашинац, началникот на НККР Прилеп - Емилија Велкоска, како и Кире Китаноски кој е  личен шофер на советникот на министерот Спасовски - Оливер Лукароски, кој според конверзацијата во групата е главниот налогодавец, рече Ковачки.

Според него, полициските службеници договарале малтретирање на секој кој не го поддржувал СДСМ.

-„Земете му ја колата и убијте го“, гласи една од координираните наредби во групата.  Друга порака од групата вели – „Застанете ги возилата и на принуден технички преглед“! Еве ги грозоморните детали: Цитирам една од пораките: „Вчера во 19.00 часот на ул. Кеј 19-ти септември пред зградата на зоолошката, втора зграда, Тојота црн џип ПП 0200 во кој седеше Борче Јовчески, во возилото седеше со УПС Мики Чадамов кој му предаваше список, односно документи“ – дава информација во групата Марјан Мачорот од БПС Прилеп. Ова е извадок од таа конверзација, која открива дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и сега веќе избран градоначалник на Прилеп, бил следен од полицијата за партиски цели на СДСМ, рече Ковачки.

-Ова е само мал дел од комуникацијата помеѓу високи полициски функционери кои биле дел од група во рамките на МВР за следење, шиканирање, малтретирање, физички напади и оневозможување на функционери и активисти на ВМРО-ДПМНЕ во нивната работа. Во наредниот период ќе откриеме уште детали за овие нелегални и  казниви активности. Го повикуваме ЈО веднаш да отвори случај против Оливер Спасовски, Зоран Заев и Љупчо Николовски, како одговорни во МВР и СДСМ за овие избори. Истовремено ги повикуваме меѓународните претставници во земјава внимателно да ги следат случувањата организирани од власта, а се со цел уривање на демократијата, рече Ковачки посочувајќи дека народот не треба да се плаши од Заев и треба да излезе на гласање.

Вели, позади параванот никој не може да види за кого ќе гласате.

-Бидете свои и изберете промени. За сите криминалци ќе има одговорност. Доколку Заев се обиде со притисоци да ја заташка работата, треба да знае и тој и сите директно вмешани дека ќе одговараат веднаш по ослободувањето на институциите од ваквите криминалци за сите злоупотреби и криминали кои ги правеле, рече Ковачки.

24.10.2021 - 11:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега