Крај на една ера: Збогум Зоран Заев

По новогодишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски во Собранието, Заев треба да ја депонира неколку пати најавуваната оставка во парламентот.

По поразот на локалните избори, Заев најави дека ќе се повлече од сите функции. Оставката веќе ја даде во партијата, каде за нов претседател е избран Димитар Ковачевски.

Пендаровски по оставката на Заев треба да му додели мандат на новиот мандатар. Согласно Уставот, претседателот е должен во рок од десет дена да го довери мандатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинството во Собранието.

Мандаторот во рок од 20 дена, од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата, стои во Уставот.

Заев имаше релативно турбулентен мандат на чело на Владата. Како заслуга на својата Влада и веројатно свој најголем успех ќе го смета членството во НАТО, но критичарите ќе критикуваат дека за тоа е платена преголема цена односно промена на уставното име на земјата.

Токму тоа веројатно ќе биде и најголемиот товар во неговата биографија бидејќи токму на негова иницијатива земјава мораше да си го смени името и сега во светот ја препознаваат како Северна Македонија.

Од друга страна, европската иднина на земјава се уште е во тунел на кој не му се гледа светлото на крајот. Проблемот кој го имавме со Грција сега го туркаме со Бугарија и покрај тоа што токму Владата на премиерот Заев постигна Договор за добрососедство со Бугарија кој сега, Бугарите обвинуваат дека не се почитува.

Заев и СДСМ однесоа само една победа на парламентарни избори иако неговиот кабинет се развлече преку два мандати добиени по предвремени парламентарни избори.
Во 2016 СДСМ дојде на власт и покрај тоа што ги загуби изборите додека во 2020 однесоа тесна победа.

Веројатно најголем политички успех на избори за Заев ќе бидат локалните избори во 2017 кога неговата партија практично го прегази ВМРО-ДПМНЕ оставајќи му само 5 градоначалнички места. Но, последните избори покажаа дека граѓаните не и се веќе наклонети на актуелната власт па ВМРО-ДПМНЕ добри убедливо поголем број на градоначалници во општините.

Меѓу изборните процеси тука е и неуспешниот референдум за промена на името кој и не беше некоја пречка за Владата на СДСМ и ДУИ да го повлечат потегот за кој дефакто и де јуре не добија поддршка од граѓаните.

Од мандатот на Заев за издвојување е подемот и падот на Специјалното јавно обвинителство чија главна обвинителка во моментов е осуденик на затворска казна.

Во моментов СДСМ е партија која има нов лидер кој се соочува со сериозен пад на партискиот рејтинг и собраниски состав во кој веројатно само дневниот ред не се носи во „брза постапка“ или со „европско знаменце“

Од друга страна, ни опозицијата не покажува некоја сериозна потенција. По победата на локалните избори се што прави ВМРО-ДПМНЕ се повици за предвремени парламентарни избори без некоја реална акција на терен која што би ја исфорсирала власта да го стори тоа.

А.С.


22.12.2021 - 11:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега