Криза во Тунис: Политичките партии го обвинуваат претседателот за пуч

Главните политички партии во Тунис го обвинија претседателот Каис Сајед дека извршил државен удар откако тој го симна од власт премиерот Ишем Мешиши и го суспендираше парламентот, но Каис возврати дека постапувал во согласност со Уставот.

Неговиот потег се случи во неделата по масовните, насилни протести за постапките на владата во време на епидемија и економски и социјални тешкотии.

Доцна синоќа разрешениот премиер изјави дека ќе ги предаде своите овластувања на оној што го назначи претседателот Сајед.

Тунискиот претседател им порача на оние кои ги критикуваат неговите последни одлуки за распуштање на парламентот и смена на премиерот да се „потсетат на лекциите по уставно право“, нагласувајќи дека тој ги донел своите одлуки во согласност со член 80 од тунискиот Устав.

Сајед синоќа донесе одлука за забрана за собирање и движење на луѓе и возила од 19 до 6 часот наутро, што ќе трае до 27 август. Регулативата исто така вклучува забрана за движење меѓу градовите во Тунис дури и по полицискиот час, освен кога станува збор за задоволување на основни потреби и во итни здравствени случаи.

Демонстрантите, кои се судрија со полицијата во неделата, прославија на улиците на главниот град на Тунис, откако доцна синоќа беше објавена одлуката на претседателот.

Макфакс

27.07.2021 - 10:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа