КСС го поздравува успехот на СОНК

КСС го поздравува успехот на СОНК во делот на нивните синдикални активности за зголемување на платите и зголемувањето на работничките права на просветните работници и вработените во детските градинки. Борбата којашто ја водеше нашиот грански синдикат во изминатите месеци низ штрајкови, преговори испреплетена со низа сериозни притисоци и нивната истрајност покажува дека синдикалното организирање во Македонија е се уште живо. КСС и гранските синдикати во КСС, целиот овој период стоеjа со цврста поддршка кон овој наш синдикат и затоа сме горди на постигнатиот успех и понудата којашто беше доставена од страна на помирувачот, а тоа е 15% зголемување на платите од септемвриската плата и најмалку 3,4% од новата тековна година, како и потпишување на нови колективни договори во делот на детска заштита, основно и средно образование, со што цврсто веруваме дека работничките права повторно ќе бидат унапредени во сите овие дејности. Истрајноста и упорноста на раководството на СОНК заедно со невиденото единство коешто го демонстрираа членовите е плод на нашата заедничка заложба во изминатите години за сериозно независно синдикално организирање со демонстрирање на досега невидена чесност и искреност во двете насоки.

Ваквото делување на еден синдикат е пример за почит, но и насока како треба да делува еден независен и самостоен синдикат. Демократските принципи на одлучување коишто беа демонстрирани од страна на раководството на СОНК се за сериозно почитување и за пример дека не сме сите исти во делот на начинот на водење на еден синдикат и пред се, слушањето на гласот на работникот.

Борбата беше тешка и долга, но остварувањето на сите цели коишто беа зацртани во делот на барањата на СОНК треба да бидат дел од следните учебници за синдикалното организирање во Македонија и пошироко. Затоа раководството на КСС ги повикува членовите на СОНК едногласно да ја прифатат понудата, но и да останат единствени и сплотени затоа што со нив оживеа синдикалното организирање во Македонија и покажаа како една толку голема организација може да биде едногласна, сложна и единствена.

 

КСС и во иднина ќе остане на линијата на фронотот на борбата на сите грански синдикати коишто искрено и чесно, како во случајов СОНК, се борат за правата на работниците и нивните членови. 

 

Конфедерација на слободни синдикати на Македонија

19.05.2022 - 16:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега