Лајчак: ЕУ мора да го исполни ветеното и оваа година да отвори ново поглавје во односите со Северна Македонија

Северна Македонија стигна подалеку отколку што можеше да се претпостави пред неколку години и сега е време да се наградат напорите на државата. Дискусиите за датумот за преговори продолжуваат, а неколку месеци нема да направат голема разлика за граѓаните на Северна Македонија. Земјата оваа година мора да го донесе заслужениот успех за отворање ново поглавје во односите со Унијата.

Ова го порача шефт на словачката дипломатија, Мирослав, Лајчак и актуелен претседавач на ОБСЕ во екслузивното интервју за МИА, кое го даде еден ден пред официјалниот почеток на неговата посета на земјава. Лајчак од денеска во улога на претседавач на ОБСЕ, но и на шеф на словачката дипломатија е во Скопје, а утре тој ќе има средби со високи државни функционери, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и граѓански организации.

Пристигнува во исклучително важен момент за земјата. Денеска во Луксембург заседаваат министрите за надворешни работи на ЕУ во рамки на Советот за општи работи на Унијата. Дебатираат за проширувањето и за датумот за преговори со Северна Македонија и Албанија. 

Во врска со одложувањето на датумот, наместо првичните очекувања овој месев, за оваа есен, Лајчак во интервју за МИА вели дека неодамнешните постигнувања се навистина извонредни, земјата стигнала подалеку одошто можевме да замислиме пред неколку години.

-Сегашната влада заслужува пофалба. Постигнувањата во зајакнувањето на соседските односи се невидени во регионот – благодарение на Скопје, Софија и Атина. Ваквата состојба треба да се искористи за уште поголем напредок. Словачка верува дека време е да се наградат вашите напори и да се испрати позитивен сигнал до вашиот народ. Неисполнувањето на нашите ветувања ќе донесе сериозни последици. нагласува претседавачот на ОБСЕ и словачки министер за надворешни работи.

Тој додава дека неколку месеци нема да направат огромна разлика за народот на Северна Македонија кој чекаше толку долго, но сепак силно верува дека „оваа година мора да го донесе заслужениот успех за отворање ново поглавје во односите меѓу вашата земја и ЕУ“.

Лајчак ден по потпишувањето на Преспанскиот договор со оценка дека со него магичниот круг на националистички митови беше растурен со политичка волја и храброст и надеж дека тој ќе служи како инспирација за другите во регионот и ќе придонесе за регионално помирување.

-ЕУ веќе има преземено чекори повторно да го придвижи процесот на проширување и да го зајакне кредибилитетот на европската перспектива за регионот. Словачка верува дека времето е дојдено за да се испорача и наградат историските достигнувања на Северна Македонија, а со тоа да се инспирира поширокиот регион, вклучително и Белград и Приштина. ЕУ мора да остане активна и посветена на испорачување на своите заложби, додава тој.

Во врска со тоа дали смета дека шестте земји од регионот кои не се членки на Унијата, треба да се интегрираат во неа по примерот на Вишеградската група, чија членка е и неговата држава, односно сите земји наеднаш, Лајчак нагласува дека секој регион е различен, со своја историја, предизвици и достигнувања.

Секоја од земјите од Западен Балкан, додава тој, треба целосно да се фокусира на тоа да ги направи реалност амбициозните реформи кои се потребни на нивните европски патишта. За тоа дали Северна Македонија и Албанија треба во пакет да чекорат кон Унијата нагласува дека движењето напред во група или во тандем со друга земја е добро и продуктивно, но нагласува дека треба да преовладува принципот на индивидуална заслуга.

За 27 годишната Мисија на ОБСЕ во Скопје, нејзините достигнувања, нејзината работа во процесот на стабилизација и демократизација на земјата говоревме со Лајчак во интервјуто за МИА. Меѓу другото тој се осврна и на работата на СЈО, за која неодамна Мисијата во Скопје го претстави вториот преоден извештај за активностите и предметите во надлежност на ова обвинителство. Ги повика сите политички партии да постигнат договор за нацрт законот за ЈО кој ќе ги задоволи очекувањата на јавноста дека корупцијата ќе се казни и дека институциите на правдата ќе продолжат да се зајакнуваат. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.06.2019 - 16:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега