Лајчак на средба со Вучиќ: ЕУ сака сеопфатен договор кој ќе ги реши сите отворени прашања

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, вечерва во Белград изјави дека Унијата сака сеопфатен договор меѓу Белград и Приштина што засекогаш ќе ги реши сите отворени прашања.

-Подготвен сум целосно да се вклучам во продолжување на дијалогот предводен од ЕУ без натамошно одложување и да им помогнам на страните да работат за да постигнат сеопфатен договор што ќе ги реши сите нерешени прашања и ќе биде одржлив и прифатлив и за регионот и за сите членки на ЕУ, изјави Лајчак на прес-конференција по состанокот со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Лајчак додаде дека сеопфатниот договор вклучува економски и регионални и други прашања за кои разговарал со Вучиќ.

-Тоа е сеопфатен дијалог, ние ќе продолжиме да работиме на спроведување на она што е веќе договорено и ќе се осигураме дека на крајот на процесот ќе имаме договор со сите решени прашања, без никакви прашалници, кажа Лајчак.

Тој додаде дека не е во Белград „било кого да притиска за одреден договор”, туку „да им помогне на страните да постигнат функционален договор”.

Тој изјави дека имал „продуктивен и конструктивен разговор со Вучиќ за тоа како да се продолжи, вклучувајќи и конкретни следни чекори”

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Србија, во согласност со одлуката на Генералното собрание на ОН, целосно го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ и дека посветеноста на Србија за европската иднина не може да се одвои од европското покровителство во тие разговори.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.06.2020 - 21:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа