Лазаров: Од бизнисмените зависи колку ќе се зближат Скопје и Софија

Ако сакаме да имаме цврсти, принципиелни и братски врски со соседна Бугарија, тие врски пред сѐ, мора да почиваат на економски темели и бизнис политики, односно да создадеме силен динамичен инвестициски циклус и да успееме да развиеме проекти од стратешко економско значење за двете држави. Едноставно нема да може да имаме стабилни политички врски ако немаме солидни економски врски. Ова го истакнал Кирил Лазаров, претседател на Македонско-бугарската стопанска комора вчера на средба со специјалниот претставник во преговорите со Бугарија, професорот Владо Бучковски и со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Република Северна Македонија, европратеникот Илхан Ќучук.

– Економските односи не смеат да застанат и во никој случај не треба да бидат заложнички фактор на политичките и дипломатските процеси на двете држави, напротив, тие треба да бидат моторот кој ќе ги придвижи процесите и пример дека ние сакаме и мораме да соработуваме од блиску. Од нас како бизнисмени и од едната и дргата страна зависи колку ќе ги зближиме нашите граѓани, и јас мислам дека преку брзи автопати, експресни патишта, преку гасоводи, преку железнички и инфраструктурни проекти и преку нови гранични премини практично многу побрзо ќе ги зближиме нашите народи отколку со историски толкувања, кое им го оставаме на политичарите – рече Лазаров.

Тој информира и дека е завршен граничниот премин Клепало, преку кој од Берово ќе се влегува во Бугарија, а се очекува бугарската страна да го заврши својот дел.

Лазаров потсети на сите започнати проекти – експресниот пат кон граничниот премин Деве Баир кој е во градба, гасното поврзување Струмица – Петрич, железничка линија Ново Село – Петрич за извоз на земјоделски продукти, експресно патно решение Ново Село – бугарска граница, а во иднина и автопат за зголемување на стопанската размена.

Лазаров на средбата му додели Благодарница на Ќучук поради постојаната поддршка што ја дава на Република Северна Македонија во процесот на евроинтеграција.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.02.2021 - 12:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега