Лефков: Планот на ВМРО-ДПМНЕ е одржлив, ќе се заштедат 300 милиони евра и ќе имаме доволно струја

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, во „Топ Тема“ на „Телма“ и кажа дека лидерот на партијата, Христијан Мицкоски изложил план со кој ќе се добијат поевтини енергенси и државата ќе заштеди 300 милиони евра пари на граѓаните. Лефков истакна дека станува збор за еден посложен план којшто во себе опфаќа и нов предлог закон за енергетика.

„Предлага начин на производство со којшто во РЕК Битола ќе работат трите блока, ќе се стави во погон, во производство РЕК Осломеј, ќе работат двете турбини во ТЕЦ Неготино. На тој начин ако се обезбедат потребните енергенси ќе имаме доволно електрична енергија и за домаќинствата и за стопанството. Затоа што ќе ве потсетам дека македонскиот бизнис плаќа двојно поскапа струја споредено со бизнисите во регионот и оттаму опаѓа конкурентноста на македонскиот бизнис, рече тој.

Лефков посочи дека планот на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски е одржлив и издржан, истиот беше презентиран пред стопанските комори.

„Она што е важно е дека ВМРО-ДПМНЕ несебично предлага план, покажува државнички капацитет. Според контактите и индикативните цени кои ги понуди Мицкоски цената вклучително со транспорт е значително поевтина од цената која во моментов ја обезбедува владата. И во текот на минатата година цената по која владата набавуваше гас беше за 20% повисока“, нагласи Лефков.

Тој додаде дека од страна на владата немаат слух, па затоа имало една избрзана прес конференција на владата, но нема никаков одржлив план ниту некакви информации.

„Ние доаѓаме до енергетска криза, а немаме информација од власта во која состојба се резервите на јаглен, на кое ниво се хидроакумулациите, видовме како ЕСМ продавале ноќни вишоци од тоа што се празнеле браните, па сега имаме ситуација дека хидропотенцијалот ни е на 29%. Ковачевски кажа дека ќе се набавува струја од Бугарија пониска од берзанската цена, а истиот ој потоа на пратенички прашања кажа дека Бугарија има закон според кој електричната енергија мора да се продава по берзански цени“, рече Лефков.

Во текот на своето гостување Лефков се осврна и на аферата „Броило“. Лефков додаде дека Ковачевски и Паунов ја основаат фирмата „Пиксел Груп“ на 03.11.2017 година. И тоа е пет месеци откако СДСМ доаѓа на власт. За неполна година „Пиксел Груп“ основа фабрика во Кочани за фотоволтаични панели, а на отворањето цело СДСМ присуствува.

„КМГ ЕОЛ Квазар која што е основана од кумот на Ковачевски со СДСМ на власт добива 2 милиони евра државни тендери од ЈКП Комуналец Свети Николе префрлени во четири наврати 100.000 евра на ЕОЛ Квазар, фирмата на кумот на Ковачевски. Од ЈП Пасишта префрлени на КМГ ЕОЛ Квазар во две набавки, во едната 172.000 евра, а во другата 343.000 евра или вкупно 515.000 евра. Општина Ѓорче Петров на КМГ ЕОЛ Квазар има 48.000 евра“, истакна Лефков.

Тој посочи дека денес по медиумите дури излезе вест дека на кумот на Ковачевски му е поднесена и кривична пријава за несоодветен надзор кој што го извршил за половина милион денари.

„Општина Чаир префрлила 108.00 евра на фирма на кумот на премиерот. ЕВН на ЕОЛ Квазар над два милиони евра за изведба на работи и испорака на фотоволтаични панели. На договорот од една страна е кумот на Ковачевски, од другата страна практично е Ковачевски. Затоа што Ковачевски е мандатен сопственик“, нагласи тој.

„Доделување на државна помош на „Пиксел Груп“ значи од Владата на „Пиксел Груп“ – 8 исплати од 2019-та година до крај на 2021 година и тоа 27 милиони 262.082 денари или 443.285 евра од кои најголемата порција 12 милиони 531.359 денари или 203.761 евро се префрлени на 29.12.2021 година. А, Ковачевски станува претседател на СДСМ на 12.12.2021 година. Централниот одбор на СДСМ на седница на 27.12.2021 година четири дена пред Новата година го бира Ковачевски за мандатар на новата Влада. А, два дена подоцна на 29.12.2021 година новиот мандатар Владата која што е во оставка, а е во оставка поради оставката на Зоран Заев, Владата која е во оставка му префрла на два дена пред Нова година 12 милиони 531.359 денари на фирма основана од Ковачевски“, заклучи Лефков. 

04.10.2022 - 20:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега