Лекови за притисок, шеќер, тироида, астма и белодробни болести од денес дава матичен лекар
Од денеска почна да функционира реформата со која матичните лекари можат да припишуваат лекови за регулирање на притисок и шеќер во крвта, за проблеми со тироидната жлезда, за белодробни болести и астма. За да ги добијат ваквите лекови досега пациентите мораа да одат на специјалист. Министерот за здравство Фатмир Меџити од ординација во скопски Сарај, покажа дека системот со припишување на рецепти веќе функционира.
„Од утрово функционира системот и тоа не само на хартија. Функционира во најдобар ред за петте дијагнози кои доктор Злате Мехемдовиќ ги претстави во понеделникот. Тоа се дијабетес, хипертензија, астма, хобб, хипотиреодизам. Со ова ќе се растерети метежот во Клинички центар и ќе им дозволиме на професионалците во секундарно, а посебно во терциерното здравство да се посветат на својата работа и веќе да си направиме и наука. Целта ни е нашиот Медицински факултет да биде рангиран на шангајската листа на некое повисоко ниво“, рече министерот Меџити.
Доктор Мехмедовиќ, кој е координатор на проектот за реформи во примарното здравство најави дека најдоцна за еден месец матичните лекари ќе можат да ги даваат и упатите за лабораториски анализи за кои досега пациентите мораа да одат на специјалист, а ќе се разговара и за закажување кај матичен преку „Мој термин“.
Протоколите за лекување кои треба да ги следат матичните лекари се веќе објавени во Службен весник. Министерот Меџити рече дека нивните досегашни анализи покажале дека околу 30 отсто од пациентите кои доаѓаат во Клинички центар, доаѓаат за продолжување на терапија или услуги кои со оваа реформа ќе можат да ги добијат кај матичните лекари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа