Левица денеска ќе го бојкотира Пендаровски - таткото на нацијата е приврзок на Заев
Ја известуваме македонската јавност дека двајцата пратеници на политичката партија Левица во Собранието на Република Македонија – Димитар Апасиев и Борислав Крмов, нема да учествуваат на парламентарната 56-та пленарна седница, на која е планирано традиционалното годишно обраќање на претседателот на Републиката – г. Стево Пендаровски. Нашите народни пратеници одбиваат да партиципираат во формалистичкиот театар на шефот на државата, кои ги одмолчи сите национал-шовинистички испади на нашите балкански соседи и божемни европски партнери – за кои, сè почесто, вонивните јавни обраќања, стануваме „Северномакедонски пријатели“, се вели во соопштението на Левица.
„Сметаме дека човек кој е безгласна буква во внатрешната и во надворешната политика и не реагира на повампирениот бугарски неоврховизам, којшто го негира постоењето на македонската нација и на македонскиот јазик, нема ништо паметно да каже и затоа не го заслужува вниманието на нашите пратеници и на пошироката јавност.
Пендаровски, познат по својот некреативен дрвен евро-атлантски новоговор и апологет на сервилниот и невизионерски НАТОфундаментализам, никогаш не бил и нема да биде вистински и обединувачки „Татко на нацијата“. Како приврзок на поразената политичка философија и практика на заевизмот, како највисок стадиум на интернационалното вазалство и националното понижување на Македонците, неговото заминување од политичката сцена ќе биде катарза за нов почеток во водењето на современа, достоинствена и мултиполарна државничка надворешна политика, креирана од новата генерација храбри македонски политичари“, велат од партијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа