Левица: Нефункционалната македонска држава е директен производ на Рамковниот договор

Охридскиот рамковен договор (ОРД) го постави темелот за разнебитување на македонската држава, сметаат од политичката партија Левица.

„Дваесет години после неговото потпишување и сите општествено-политички промени кои се случија како резултат на неговото интегрирање во уставниот и политичкиот систем, јасно е дека тој претставува главен извор на нефункционалната, разединета, крајно корумпирана и национално обезличена држава“, се наведува во партиското соопштене во кое се додава дека конфликтот во 2001, кој доведе до потпишување на Рамковниот, бил резултат на надворешна агресија поддржана од САД и НАТО силите.

„Крајната цел беше задоволувањето на нивните геостратешки интереси на Балканот. Со насилното наметнување на договорот беше легализирано агресивното киднапирање на институциите, територијата и јавните ресурси од страна на албанските националшовинисти, како награда за нивната лојалност кон западниот империјализам“, сметаат од Левица од каде додаваат дека без овој договор немало да биде возможна промената на името, загрозувањето на македонскиот идентитет и како што се вели, агресивното втурнување на државата во НАТО пактот.

На внатрешен план, од пертијата велат дека договорот бил овозможен од страна на сите оние кои во 2001 придонеле во наметнување на вештачката капитулацијата на македонските одбранбени сили.

„Реформите кои беа извршени по договорот силно влијаеја врз етнификацијата на политичкиот систем и само дополнително ја зацврстија трибалистичката политичка култура во Македонија фрагментирајќи ја политичката заедница. Единствениот извор на привидна стабилност е соработката на политичките партии во нивното разграбување со јавните ресурси за нивните приватни интереси. Истовремено со флоскулата ‘соодветна и правична застепеност’ практично се врши политичка трговија на пазарот на трудот и пазарот на гласови“, велат меѓудругото од Левица и нагласуваат дека поради сето ова, како партија одбиваат да бидат дел од прославите на еден ваков договор.

13.08.2021 - 18:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега