Левица предлага наставата во училиштата целосно да се одвива онлајн

Од политичката партија Левица велат дека се згрозени од постојаните пазарења и калкулации со животите на децата и предлагаат наставата целосно да се одвива онлајн.

Велат дека политичките игри и уцени мора да имаат граница кога станува збор за здравјето на децата.

„Тука нема да ја коментираме способноста на министерот, кој инсистира на настава во училиште а притоа и самиот бил заразен од Ковид-19, да изнајде соодветен модел на организација за заштита на децата“, велат од Левица.

Додаваат дека МОН имал повеќе од пет месеци време да изнајде соодветна сеопфатна платформа за онлајн едукација, како и да организира обуки за наставниците и родителите, но не го сторило тоа. Затоа тие ги предлагаат бесплатните платформи Microsoft Teams, Google Classroom и G Suite Education. Велат дека со оглед на тоа што почетокот на училишната година се одложува, сè’ уште има доволно време да се организираат обуки за истите.

„Што се однесува до мерките и насоките, ги имаме следните предлози:

1. Обезбедување настава на отворено во помали групи за првачињата, а во случај на временска непогода да бидат обезбедени простории – во училиштата или други соодветни простории кои се во владение на општината или одложување на започнувањето на училишната година за првоодделенчињата со можност истата да се одвива по скратена наставна програма од 1 февруари до 20 јуни;

2. Наставата да се одвива онлајн, преку видеоврска, а тестирањатада се одвиваат во живо, во групи од 4-5 ученици и со запазување на сите мерки на претпазливост, најмалку на секои три месеца, со можност учениците да имаат и консултации со физичко присуство во утврдени термини;

3. Обезбедување на задолжителна акредитација за G Suite Education за сите образовни институции со цел да се премине на онлајн настава од 2 до 9 одд. во основните училишта и средните училишта;

4. Обезбедување потребна техника од страна на МОН за учениците кои не се во можност да ја обезбедат самите;

5. Задолжителна едукација на наставниот кадар и учениците за G Suite Education и Google classroom;

6. Препорака за факултетите да ги прилагодат своите капацитети за практична настава, со формирање на повеќе помали групи на студенти, со запазување на протоколите за заштита од Ковид-19;

7. Ангажирање на образовните асистенти за децата со ПОП, со целосен опфат на децата од таа категорија, а со цел да им се помогне во совладување на онлајн наставните содржини;

8. Обезбедување  (дополнителна ) ТВ-настава (на пример, да се адаптираат МРТВ 3, 4 или 5) за ученици од 1 до 5 одд., а наставниците кои ќе се пријават за тоа да бидат стимулирани со поголема плата;

9. Педагошката евиденција да биде водена само електронски;

10. Еден на еден настава во уметничките училишта, со запазување на мерките за претпазливост;

11. Да се обврзат наставниците по физичко образование да организираат активности на отворено, со држење на препорачаната дистанца“, предлага политичката партија.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.08.2020 - 12:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега