Лукаревска: Креиравме модерен, брз, ефикасен и едноставен начин за граѓаните за поврат на ДДВ

Во Владата денеска се одржа прес конференција на која Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски, и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на прес конференција информираа за Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните кој беше усвоен на последната седница на владата.

Во продолжение на ова соопштение обраќањето на директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска ви го пренесуваме во целост:

Mи претставува особено задоволство што денеска имам можност да најавам дека од 1 јули, Управата за јавни приходи е целосно подготвена за старт на оваа значајна мерка, поврат на 15 отсто од ДДВ на граѓаните.

Во изминатиот период, тим составен од врвни професионалци на Управата за јавни приходи интензивно посветено и макотрпно , заедно со Министерството за финансии  работеше на креирање на модерен, брз, ефикасен и едноставен начин преку којшто граѓаните ќе може да го искористат своето право за поврат на ДДВ.

Земајќи предвид дека станува збор за нова реформа, којашто за првпат се воведува кај нас, а по начинот на којшто ќе се реализира, прва од ваков вид и на Балканот, за нас беше голем предизвик креирањето на одржлив систем којшто ќе ги опслужи граѓаните како и на апликација преку којшто ќе им се враќа дел од ДДВ.

Динамичниот начин на живеење наложува ефикасно користење на времето, па оттука верувам дека целосната дигитализација кон што се стреми УЈП ќе им помогне на граѓаните да ги остварат своите права поврзани со надлежностите на УЈП од областа на даноците на брз и едноставен начин.

Изминатата година УЈП воспостави електронска взаемна комуникација со физичките лица, односно со граѓаните со цел изготвување на претпополнета Годишна даночна пријава, што се покажа како особено успешно.

Токму затоа и оваа реформа ќе се спроведе преку системот на УЈП, односно апликација којашто граѓаните ќе можат со своите мобилни телефони да ја симнат и да извршат скенирање на фискалните сметки, за што подоцна и подетално ќе бидете запознаени со целата процедура.

Од 1 јули, фискалните сметки веќе нема да претставуваат парче хартија коешто ќе ги потсетува граѓаните само на парите коишто ги потрошиле, туку и на парите коишто ќе им се вратат.

По стартот на “Поврат на 15 % ДДВ кај граѓаните” на секој граѓанин  ќе му биде навистина важно дали фискалната сметка во нивните раце е валидна или пак за производот кој што го купиле, некој им издал незаконска фискална сметка и со тоа им го ускратил правото да остварат враќање на ДДВ . 

Апликацијата “МојДДВ” којашто граѓаните ќе ја користат од 1 јули, дозволува скенирање само на валидни фискални сметки.

Со скенирањето на баркодот, системот на Управата за јавни приходи ги вчитува сите податоци од фискалната сметка, додека незаконските, компјутерските сметки системот нема да ги препознае.  На овој начин граѓаните ќе знаат дека тој кој им издал ваква сметка им го скратил правото да им бидат вратени пари како заштеда, еднакво како и даночните обврзници коишто не издаваат фискални сметки.

Затоа веруваме дека благодарение на оваа мерка, Управата за јавни приходи и граѓаните ќе станат партнери во борбата против сивата економија. Преземајќи ја улогата на инспектори, граѓаните ќе инсистираат на издавање на фискални сметки и дополнително ќе избегнуваат да купуваат на места кадешто фискални сметки не се не се издаваат, и истите може да ги пријават во Управата за јавни приходи.

Мој данок, моја заштеда е мотото на оваа мерка. Со плаќањето данок, граѓаните вложуваат во напредокот на државата. Сега за прв пат дел од ДДВ-то се враќа назад кај нив и токму затоа граѓаните не заслужуваат и не смеат да толерираат неиздавање на фискални сметки или издавање на неважечки фискални сметки.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.06.2019 - 13:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега