Македонците со бугарски пасоши да внимаваат како ќе се изјаснат на пописот - им се заканува одземање на државјанството

Здружението за македонско-бугарско пријателство преку соопштение ги предупреди Македонците што имаат бугарски пасоши дека може да им се одземе државјанството од таа земја ако на пописот излезат со лажни податоци, односно меѓу редови кажано ако не се пријават како Бугари. 

Во соопштението на ова здружение стои: 

„Согласно Законот за бугарско државјанство од 1999 година  на лицето може да му се одземе истото, доколку се докаже дека во текот на постапката дало лажни податоци. На македонските граѓани кои деновиве се известени за такво нешто, а кои се наоѓаат надвор од Република Македонија, им препорачуваме да се обратат до дипломатско конзуларните претставништва на Република Бугарија. Здружението „Македонско-бугарско пријателство“ на ниеден начин не може (дури и да сака) да влијае на таквите правни постапки.

Второ, согласно измените во погоре наведениот закон, потенцијалните апликанти од Република Македонија, во иднина ќе можат полесно да се стекнат со државјанство на Република Бугарија. Се надеваме дека овие информации ќе им бидат од корист на оние кои последниве денови ги „вжештија“  телефонските лини на нашето здружение.

Понатаму, ја користиме оваа можност да истакнеме дека ги разбираме и ја споделуваме загриженоста на  Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола за атмосферата на несигурност на лицата кои себе си се идентификуваат како „Бугари или македонски Бугари“ .

Впрочем, самата идеја за формирање на МБП е афирмацијата на фолклорот, културата, традициите и зближувањето на сите кои имаат потекло од Македонија. Ние ги перцепираме како сонародници и инспиратори и Ted Kotcheff – Величко Тодор Костадин и Милчо Манчевски (нека ни простат што ги користиме како пример). Творештвото на Димитар Талев и Пеју Јаворов го гледаме како не така дамнешен крик за слобода и правда.

 И сосема за крај, без да навлегуваме во „политички импликации“  во и онака исполитизираниот попис во Република Македонија, ги охрабруваме пред се, нашите членови, да се изјаснат онака како што се чувствуваат и притоа воопшто да не „лицитираат“ или да се грижат за бројките. Бројките се важни, луѓето уште повеќе!“, стои во соопштението.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.03.2021 - 10:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега