Малите партии на СДСМ нема да гласаат за недоверба на Заев но подготвени се да бидат во Влада на ВМРО-ДПМНЕ

Најголемиот дел од малите политички партии кои сега се дел од мнозинството на СДСМ биле подготвени за соработка со ВМРО-ДПМНЕ но не и да гласаат за недоверба на Владата. Извор од најголемата опозициска партија брифира дека речи си сите помали коалициони партнери на СДСМ биле согласни да преговараат за учество во нова Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ но само откако на Заев ќе му биде изгласана недоверба или доколку неговата партија остане без мнозинство во Собранието, но поради преминување на партиите од албанскиот етнички блок.
Нашиот извор кој тврди дека е добро упатен во преговорите не сакаше поединечно да ги именува партиите кои начелно се подготвени да ја сменат страната но во рамките на оној втор чекор кој го најавува ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е по изгласувањето на недоверба на Владата.
Нема информации, дали овие партии би поддржале нов премиер предложен од мнозинството на СДСМ во случај Премиерот Заев да реши да си поднесе оставка уште пред да почне седницата за гласање на доверба на Владата.
За малите партии од коалицијата на СДСМ нема дилема дека Заев ќе си замине од премиерската функција.
„ -Треба да почекаме да дојде четврток и треба да ја стабилизираме состојбата, премногу долго се разговара за оставката на Зоран Заев и треба да биде затворена тема, консултациите се уште течат, премиерот ќе си замине и за нас е важно да имаме нов лидер со визија и да го одржува и мнозинството, изјави утрово за Телма, пратеничката на ЛДП, Моника Зајкова.
И лидерот на ЛДП Горан Милевски во повеќе свои ТВ настапи рече дека оставката на Заев е завршена работа и дека очекува целосно нов владин кабинет.
Во ДОМ официјално велат дека за недоверба на владата нема да гласаат и дека ќе го чекаат развојот на настаните во Собранието
„ Ќе видиме во четврток каква ќе биде одлуката за гласање на доверба на Владата, и колку пратеници ќе обезбеди ВМРО-ДПМНЕ. Ние сме дел од актуелното мнозинство и нема да гласаме за пад на Владата, на Македонија и е потребна стабилност, особено кога имаме сериозна економска криза, како и евроатланските процеси, граѓаните не бараат да одиме од избори на избори, бараат да имаат стабилност и не сметам дека избори се решение, вели претседателката на ДОМ, Маја Морачанин.
Утрово со свој став се јави и партијата на Турците која вчера попладнето имала неколку часовни преговори со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Собранието
„ Како сериозна парламентарна партија спремни сме да дадеме максимален придонес за надминување на оваа политичка криза. Но, Партијата за движење на Турците никогаш нема да соработува со тие политички чинители кои со своите анти-ЕУ, анти-НАТО, антидемократски ставови ја загрозуваат иднината на Северна Македонија, а со своите радикални погледи и провокации разгоруваат етничка и религиска нетрпеливост. Ги повикуваме сите политички субјекти и слободоумни граѓани да се дистанцираат од ваквите штетни политички активности, стои во соопштението.
А.С.

09.11.2021 - 13:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега