Маричиќ: Очекувам успешен попис, официјално треба да заврши вечерва во 20 часот

Честитки до Државниот завод за статистика и сите вклучени институции за спроведување на пописот. Ова беше навистина сложена и тешка операција, која првпат се случува после 20 години и со нова методологија на Евростат и не на хартија, туку со компјутери и таблети, истакна министерот за правда Бојан Маричиќ во гостувањето на „Утрински брифинг“.

Навистина, посочи Маричиќ, имаше многу и политичка фама, но и реални технички проблеми и хакерски напади, кои за среќа успешно се надминати.

– Очекувам денеска до крајот на денот да добиеме информација од ДЗС дека пописот е успешно завршен. Секако, ќе има и фаза на проверка на одредени податоци и информации, има период од шест месеци во кој тие информации треба да е сумираат и на крајот ќе ги добиеме резултатите во март наредната година, изјави Маричиќ.

За тоа дали има можност за допопишување, Маричиќ рече дека, таа можнст постоела досега и граѓаните можеле и самите да изразат интерес да бидат попишани, но пописот официјално треба да заврши вечерва во 20 часот.

– Податоците кои ги има ДЗС има простор да бидат допроверени, таму, каде што има потреба – корегирани, има одреден период од неколку дена, што е редовна постпка и го имало и на претходните пописи, да се дозаврши таа операција, меѓутоа масовното попишување, онака како што е утврдено со законот завршува вечерва, појасни Маричиќ.

Во однос на повиците за бојкот на Пописот, Маричиќ рече дека само партијата Левица, активно работела на тоа пописот да не успее.

– За среќа немаше поголем ефект. Имаше индивидуални случаи, на нивни активисти и членови кои одбиваа да се попишат или одбиваа да отворат врата. Тие се евидентирани, значи ги имаат податоците од другите седум регистри кои што се опишани во Законот, но бидејќи одбија доброволно да учествуваат, и за тие случаи законот предвидува прекршочни глоби. Меѓутоа, за тоа ќе видиме како ќе постапи ДЗС. Малку се на број и затоа мислам дека не може да дадат удар на генералната слика за успешен попис, кажа Маричиќ.

Во однос на можните шпекулации за податоците од пописот, Маричиќ, нагласи дека многу ограничен број на луѓе имаат пристап до таа база на податоци, што е регулирано и методолошки и законски.

30.09.2021 - 11:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега