Маричиќ за Телма: Имаме добра стартна позиција за успешно да го завршиме скринингот

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во денешното интервју во вестите на Телма изјави дека сме во добра кондиција и имаме позитивно ниво за да го почнеме и да го завршиме скринингот успешно, бидејќи сме на исто рамниште или во некои делови и подобри од оние земји кои десет години веќе преговараат.  

-По нашите анализи степенот на усогласеност е некаде околу 45 проценти, што не е малку и е навистина на добро ниво. Постојат области каде што сме на исто рамниште дури и подобри од државите кои преговараат, на пример Кластерот Темелни вредности, сме први во регионот, подобри и од државите кои веќе десет години преговараат. Секако има области, како што е внатрешен пазар, каде што имаме многу работа и каде што допрва треба да се усогласуваме, рече Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ објасни дека во Секретаријат за европски прашања секоја година се прави детална анализа на секој Извештај и дека прават таканаречена гап анализа, увид кои мерки се позитивно оценети, кои се оценети дека треба повеќе, која според последниот Извештај вели дека има околу 57 проценти од мерките коишто се оценети како позитивни, односно има реална усогласеност и 43 проценти, кои допрва треба да се усогласуваат.

Маричиќ најави дека следниот период ќе се фокусираат, паралелно преку Националната програма за приближување на законодавството, да се интензивира имплементирањето на законодавството на ЕУ и дека тоа е динамична работа, која зависи од капацитетот на институциите, но и од политичкиот притисок и политичката волја.

-Секако дека имаме многу уште за работа, и во делот на владеењето на правото и во делот на другите стандарди, но ова е еден процес којшто треба да заврши на тој начин што ние ќе функционираме комплетно како држава членка на ЕУ, истакна Маричиќ додавајќи дека за Владата најважно е во тие преговори постојано да одиме напред, тие да бидат неповратни, значи да не се враќаме назад, да немаме назадување по извесен број на години, бидејќи новата методологија на некој начин го казнува назадувањето и може да ве врати на почетокот.

На прашањето за кога ќе започнат уставните измени, кои се клучни за продолжување на преговорите со Унијата, вицепремиерот Маричиќ одговори дека времетраењето на скринингот, кој според него очекува да трае шестнаесет месеци, дава доволно простор да се отвори дијалог со политичките партии, и со пратениците за да видиме кога би било тоа најлогично и најсоодветно да се направи.

-Мислам дека треба да се отвори една суштинска дискусија којашто ќе нè одведе и во содржината на уставните измени, којашто мислам дека не е спорна, бидејќи треба да дополниме во Преамбулата и во уште еден Амандман, неколку заедници коишто не се спомнати во Уставот, за поддржување на нашите европски интеграции, посочи Маричиќ.

Според вицепремиерот сега сè е во наши раце, бидејќи како што вели не зависиме од која било друга држава, и смета дека ако мудро, умно и одговорно се постави секој пратеник и секоја политичка партија, процесот на уставни измени ќе може да се направи до крајот на скринингот.

31.07.2022 - 21:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега