Маж варел кафе, му се запалил чаршафот и огнот се раширил - неподвижна жена и уште четири лица извлечени од пожарот во Ново Лисиче

Пет лица се извелечени од станот во кој избувна пожар денеска во Ново Лисиче,, објави „А1он“. Како што информира порталот, меѓу извлечените имало и една неподвижна жена и маж, кој од стресот не можел да оди па го симнувале во количка. Неподвижната жена со Брза помош била пренесена во болница.

Пожарот е изгаснат, а преизвикана е само материјална штета.

Командантот на скопската противпожарна бригада, Владимир Симоновски, вели дека една екипа пожарникари го гасела пожарот, а друга ги извлекувала луѓето од станот. Симоновски вели дека огнот се раширил од плинска боца на која вареле кафе.

„Мажот варел кафе на плинска боца. Се потпалил чаршафот и од таму огнот се раширил насекаде. Во соседната соба беше неподвижната жена, живее на дијализа, со апарати приврзани за неа. Ја извлековме, докторите ја прегледаа и утврдија дека ѝ треба дополнителна помош. И мажот се пожали дека не може да оди,  рече дека не му функционираат нозете поради стресот. Тој е подвижен, прво го изнесовме на балконот, а потоа го симнавме во количка. Во станот имаше петмина“, изјави за „А1он“ командантот Симоновски.

И покрај препораките во случај на пожар да не се користи лифт, станарка од зградата тргнала да излегува и се заглавила во лифтот па пожарникарите и неа ја спасувале

Од чадот, во паника биле и другите станари на зградата. Симоновски вели дека и покрај препораките во случај на пожар да не се користи лифт, станарка од зградата тргнала да излегува и се заглавила во лифтот па пожарникарите и неа ја спасувале.

Материјална штета од пожарот, Симоновски вели, има само запалениот стан. Станот до него го провериле и таму немало оштетувања, а на станот над опожарениот само прозорците биле поцрнети од чадот.

Командантот Симоновски вели дека опожарениот стан на булеварот АСНОМ  бил од четириесетина квадратни метри и преполн со мебел па главна грижа им било да ги спасат луѓето и да не дозволат огнот да се прошири во другите станови од зградата.

Пожарот го гаселе 18 пожарникари со пет возила, а пристигнале и две возила на Итна помош.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.02.2020 - 11:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега