Меџити: Домашните математики на Таравари и Ахмети, не излегоа точни на пазарот
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој е еден од лидерите во Коалицијата ВЛЕН, смета дека со излегувањето на Арбен Таравари од Владата и од Коалицијата, тој и лидерот на ДУИ Али Ахмети, со кој сакал да соработува, имаат повеќе штета отколку корист. Таравари, истакна Меџити, има во моментов тројца пратеници, двајца остнаа во ВЛЕН, а со тројца-четворица пратеници од Европскиот фронт се разговара да се префрлат во ВЛЕН.
-Математиките на Ахмети и Таравари што ги правеа дома, не излегоа на пазар, туку излегоа поинакви и полоши отколку стартната позиција и во однос на пратеници и на гласачи, рече Меџити во гостување на Тема на денот на Сител телевизија.
Според него, Таравари калкулирал затоа што сакал да го задржи Гостивар и да добие поддршка од ДУИ во други општини.
-Прво е до калкулација, значи пред се Гостивар да се задржи. Мислам дека сите калкулации со Ахмети ги имаат направено, предвиделе се, но не и дека ќе го исфрлиме Таравари од ВЛЕН и од Владата, бидејќи не може во исто време да соработуваш со ДУИ и да бидеш дел од ВЛЕН и од Владата, рече Меџити.
Нагласи дека Таравари се надевал оти ќе остане во Владата до крај, дека ќе ги користи придобивките, а скришно ќе соработува со Ахмети кој би му дал поддршка во 5-6 општини, а тој би ја поддржал ДУИ во Чаир и Тетово или на друго место каде ќе му биде потребно.
Во однос на локалните избори што треба да се одржат наесен, Меџити истакна оти се подготвуваат, дека е избран шеф на изборен штаб на републичко ниво, како и оти се разгледува кои би биле најдобрите кандидати од ВЛЕН. Но, додаде, може да поддржиме и независни кандидати, или кандидати што не се од ВЛЕН ако сметаме дека тие би биле најдобри.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа